Мерц и натаму ја отфрла соработката со AfD

Претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU) и демохристијанскиот кандидат за канцелар на претстојните избори, Фридрих Мерц, во саботата уште еднаш ги отфрли обвинувањата дека неговите планови за заострување на миграциската политика го отвораат патот за соработка со десничарската Алтернатива за Германија (AfD).

„Овој викенд ќе ги испратиме нашите барања за промена на миграциската политика до партиите од поранешната коалиција на канцеларот Шолц, социјалдемократите, зелените и либералите, кои имаме намера да ги доставиме до Бундестагот следната седмица. Нема да испратиме ништо до AfD“, изјави Фридрих Мерц за дневниот весник Heilbronner Stimme.

Политичарот кој беше држен настрана од челните позиции во ерата на челничката на демохристијаните и поранешна кацелаларка Ангела Меркел, рече дека „не преговара“ со евркоскептичната и противдоселеничка AfD или со новооснованата левичарска партија Алијанса на Захра Вагенкнехт.

Мерц, кој се смета за близок на ставовите на неолибертаријаските американски структури, и претходно во интервју за весникот Bild изјави дека одбива да соработува со AfD и дека се потпира на поддршката од „центрастичките партии“ при донесувањето на планот за намалување на нерегуларната миграција во Германија.

„Центристичките партии мора да преземат одговорност. Тоа е најдобрата алатка против политичките екстреми од десниот и левиот спектар“, рече Мерц.

По нападот во Ашафенбург, кога Авганистанец со психички заболување чие барање за азил било одбиени а не бил депортиран поради негово средување документација за излез од Германија, до смрт избоде и уби две лица од кои едното дете, Мерц најави воведување строги мерки кои треба драстично да ја намалат нерегулираната имиграција во Германија.

Ден подоцна тој најави дека во Бундестагот ќе го претстави својот план од пет точки, кој вклучува целосно затворање на границите за сите луѓе без патни исправи. Подоцна, претседателката на AfD, Алис Вајдел, ѝ понуди соработка на Унијата CDU/CSU и нејзино откажувањето на таканаречениот „противпожарен ѕид“ кон AfD.

Унијата CDU/CSU со години опстојува на тактиката „противпожарен ѕид“, т.е. отфрлајќи ја соработката со AfD, особено на федерално ниво иако имаше голем одлив од нејзините гласачи токму кон крајната десница.

Во анкетите на јавното мислење еден месец пред предвремените парламентарни избори во Германија, Унијата CDU/CSU води со 30 отсто од поддршката од анкетираните. AfD е на второ место со 20 отсто. Социјалдемократските и зелените партии можат да сметаат на поддршката од по околу 15 проценти од гласачите.

Медиумите веќе шпекулираат со кого CDU/CSU би можела да влезе во коалициски преговори доколку победи, а најчесто се споменува коалицијата со социјалдемократите и зелените, на што, сепак, силно се спротивставува помалата партија во коалицијата баварската Христијанско-социјална унија (CSU).