Кон крајот на ноември или почетокот на декември Европската Унија ќе одржи Самит посветен на мигрантската криза, на кој ќе биде поканета и Турција, изјави денеска во Ла Валета германската канцеларка Ангела Меркел.
Како што јави ДПА, одржувањето на Самит на ЕУ за мигрантите со учество на Турција го потврди и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој нагласи дека средбата ќе се одржи во следните недели, но оти датумот се уште не е точно прецизиран.
– Подготвени сме да одржиме посебен Самит на 28-те земји-членки на ЕУ со Турција што е можно побрзо. Се уште не го знаеме датумот, но тој сигурно ќе се случи во текот на оваа година – изјави Туск во Ла Валета, по завршувањето на неформалната средба на шефовите на држави или влади на ЕУ, посветена на имигрантската криза.
Пред денешниот неформален Самит на ЕУ, синоќа и претпладнево се одржа и средба на лидерите на земјите-членки на Унијата со нивни колеги од африканските држави, на која се расправаше за начините за запирање на приливот на имигранти од Африка во Европа преку Средоземното Море.