Меркел: Германија ќе просперира само доколку на Европа и оди добро

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска, пред самитот на ЕУ во Брисел, уште еднаш го повтори барањето за единство во Унијата и порача дека „Брегзит“ треба да биде повик за будење на континентот, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Говорејќи во Бундестагот, Меркел најави дека со своите колеги во Брисел ќе разговара за економски теми, но дека во светлина на „Брегзит“ и бегалската криза на агендата на самитот на шефови на држави или влади на ЕУ ќе има и други важни прашања.

Одговарајќи им на дел од земјите членки од источна Европа како Унгарија и Словачка кои што не сакаат поголемо откажување од националниот суверенитет на сметка на ЕУ Меркел најави дека Европската Унија може да направи прогрес без да исклучи своите членки.

„Германија ќе просперира само доколку на Европа и оди добро“, изјави Меркел во германскиот парламент, кадешто таа го потенцираше минатогодишниот економски раст во целата Унија, во која освен во Грција во сите други земји има забележан раст на економијата.

Спротивставувајќи се на американските најави за протекционизмот во трговијата и економијата, Меркел го поздрави договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада и побара Европа да не се изолира.

Голем дел од своето обраќање пред германските пратеници Меркел го посвети и на бегалците и на односите со Турција.

– Нема сомнеж дека е постигнат напредок, но системот за азил во Европската Унија мора да биде реформиран, изјави канцеларката во врска со бегалската криза.

Меркел во Бундестагот се заложи за целосно спроведување на договорот ЕУ – Анкара со кој се спречува приливот на нови бегалци на европско тло.

– Без овој договор ќе моравме да прифатиме илегална миграција која што нема да му помогне никому, изјави Меркел според која односите со Турција се тешки но во исто време и многу важни.

Во врска со обвинувањата на турскиот претседател Ердоган кој обвини дека Берлин спроведува нацистичка тактика со забраната за турските официјални претставници да ги промовираат турските уставни промени во Германија, Меркел одговори дека ваквите споредби „водат до мизерија и тоа мора да запре“.