Меркел ги предупреди Германцитe на тешки есен и зима

Германската канцеларка Ангела Меркел во текота на својата редовна летна средба со новинарите во петокот ги предупреди своите сонародници на тешкиот претстоен период во борбата против ширењето на заразата со новиот коронавирус.

„Ситуацијата е сериозна. Непроменето сериозна, а мораме да сметаме на таа дека следните месеци би можела да стане уште потешка“, изјави Меркел на својата традиционална прес-конференција.

Рече дека со „загриженост“ гледа на есента и зимата кога многумина повторно повеќе ќе се задржуваат во затворени простори.

Меркел додаде дека секогаш одново треба да се прилагодуваат новите мерки во борбата против пандемијата, но додаде и дека е изненадена од растот на бројот на новите зарази што е поврзано со бројните повратници од епидемиолошки ризичните земји.

„Не очекувавме дека луѓето во толкав број ќе патуваат во ризичните области“, рече Меркел.

И покрај тоа, германската канцеларка е задоволна од начинот со кој политиката и граѓаните ја прифатиле борбата против коронавирусот.

„Се покажа дека Германија има силен здравствен систем. Граѓаните покажаа разумност, одговорност и сочувстување“, заклучи Меркел.

Таа е многу заинтересирана, како што рече, и во претстојниот период да се „задржи општествената хомогеност“, и укажа на посебната чувствителност на одредени општествени групи, како што се старите и хронично болните.

„На нив мораме особено да внимаваме“, изјави Меркел и додаде дека исто така не би требало да се дозволи децата, поради отежнатото изведување на наставата, да станат „жртви на пандемијата“.

Од економски аспект гледано, целта на владата на Меркел, како што укажа таа, е да се „сочуваат работните места и да се спречат стечаите“.

„Сега мораме посебно да вложуваме во технологиите на иднината, дигитализацијата и во климатски неутралните проекти“, посочи германската канцеларка.

Меркел изрази надеж дека кризните фондови на Европската унија ќе „започнат да дејствуваат во 2021 година“.

„Земјите членки на ЕУ со нетрпение ги чекаат овие средства“, рече дека Меркел, која додаде дека „поинаку си го замислувала“ германското претседавање со Советот на ЕУ.

На крајот заклучи дека нејзината позната реченица од почетокот на мигрантската криза пред пет години „Ќе успееме“ сега „не функционира“ кога станува збор за коронакризата.

„Секоја криза има своите предизвици и речник“, заклучи германската канцеларка.