Меркел: Го поддржуваме моделот ‘шпиценкандидат’, но комплицирано е

Германската канцеларка Ангела Меркел во средата рече дека сѐ уште целосно го поддржува концептот „шпиценкандидат“ при изборот на челник на Европската комисија, но признава дека постојат проблеми затоа што Европскиот парламент е многу поделен по ова прашање.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој инаку предлагаше нов претседател на Европската комисија да биде германската канцеларка Ангела Меркел, рече дека трите водечки кандидата, ткн „шпиценкандидат“ според германскиот модел, не успеале да осигураат доволно поддршка меѓу лидерите на Европската унија и сака да го блокира конзервативецот Манфред Вебер, сопартиец на Меркел.

Вебер е кандидат на групацијата на Европската народна партија (EPP), релативен победник на мајските избори за Европскиот парламент.

„Имаме заедничка одговорност за Европа. Оттаму, се надевам дека можеме да дојдеме до решение со коешто не се отфрла концептот на ‘шпиценкандидат’, но ѝ дозволува истовремено на Европа да биде ефикасна. За да се постигне тоа, секој мора да го направи својот исчекор“, рече Меркел алудирајќи на челниците на земјите членки на ЕУ и пратениците во Европскиот парламент.

Минатата седмица на самитот на европските челници не беше постигнат договор за тоа кои личности ќе ги заземат челните места на европските институции.

„Не сите во Европскиот совет се поборници на ‘шпиценкандидат’ и поради тоа што извонредно ги цениме француско-германските односи, мораме да прифатиме дека ставот на францускиот претседател се разликува од мојот“, рече Меркел пред пратениците во долниот дом на германскиот парламент, откако претходниот период во два наврата го одби предлогот на Макрон таа да застане на чело на Европската комисија.