Меркел планира нов закон за привлекување странски стручни работници

Германската канцеларка Ангела Меркел најави во понеделникот при претставувањето на предизборната платформа на нејзиниот конзервативен блок, дека ќе донесе нов закон за доселување на странски стручни работници и дека главна цел на оваа програма е отворање нови работни места и поттикнување на вработувањето.

„Нашиот проект за иднината на Германија значи просперитет и сиурност за сите“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференцијта во понеделникот во Берлин.

Нејзината Христијанско-демократска унија (CDU) и сестринската баварска Христијанско-социјална унија (CSU) ветуваат целосна вработеност до 2025 година и намалување на даноците за вкупно 15 милијарди евра.

Во рамките на тој план, се предлага нов закон за доселување за стручните работници за да се пополнат празните работни места во германското здравство и во ИТ секторот.

Во Германија во јуни годинава имало 730.802 слободни работни места, наспроти 664.872 во истиот месец минатата 2016 година, според податоците на германската Сојузна агенција за труд.

И втората голема партија Социјалдемократската партија на Германија (SPD) предлага нов закон кој во Германија би овозможил да се вработат стручни работници во дејностите каде има недостиг од работна сила.

Предизборната програма на Унијата CDU/CSU вклучува и мерки за семејството, градење станови и јакнење на полициските сили.

Челникот на SPD, Мартин Шулц, ги критикуваше конзервативците тврдејќи дека тие нудат „очајна програма, без никакви идеи за иднината“. „Тоа е контроверзна, неправедна и неодговорна програма“, рече Шулц.

Унијата CDU/CSU, покрај другото, предлага и укинување на многу непопуларниот данок на солидарност, кој е воведен за да се финансира обновувањето на поранешната Источна Германија.