Меркел против „социјалната унија“ во ЕУ

Германската канцеларка Ангела Меркел , непосредно пред европските избори, ја одбила можноста за „социјална унија“ во ЕУ и можноста граѓаните на ЕУ, кои бараат работа во ЕУ да примаат германска социјална помош за невработени, таканаречен  „Харц IV“.

„ЕУ не е социјална унија“, рекла Меркел за весникот „Pasauer Noje Prese“ и додала дека „не сака да плаќа Харц IV за граѓаните на ЕУ, кои се во Германија само во потрага по работа“.

Кога станува збор за „Харц IV“ помошта, тоа е таканаречена долготрајна помош за невработени, која подразбира околу 400 евра месечно и платени трошоци за стан и инфостан, а наречена е по творецот на реформите на  германскиот социјален систем, социјалдемократот Петер Харц.

Германските медиуми укажуваат на ставот на проценителите на Европскиот суд во Луксембург,кои го изнеле  во случајот на една Романка од Лајпциг која точно заради примањето на социјалната помош „Харц IV“ поднела тужба до судот, дека Германија не е е обврзана безусловно и на секој странец да му исплаќа од помошта.

Пресудата во случајот со Романката би требало да биде донесена за неколку месеци, а Европскиот суд, како што се укажува во весниците, во принцип најчесто го уважува мислењето на експертите.

Според податоците на германското Министерство за труд, на сметка на ЕУ странци во Германија се исплатени 1,7 милијарди евра во облик на помошта „Харц IV“, наведуваат медиумите, укажувајќи дека многу од тие луѓе работат за ниски плати и дека преку помошта мораат да ја подигнат својата заработувачка, за да обезбедат егзистенција.

Кога станува збор за барањата за примање на детски додаток, Меркел рекла дека нејзината влада работи на тоа и во овој дел да се обезбеди заштита од злоупотреба на средствата.

Во случајот на примање на детски додаток, особено актуелна тема во врска со слободното движење во ЕУ, постои една пресуда на Европскиот суд, според која странците од ЕУ во Германија во основа имаат право на детски додаток, доколку се вработени во Германија.

Меркел, како што оценуваат медиумите, со овие изјави за социјалните злоупотреби и социјалнатаунија, направи изборна тема за европските избори, кои се отпочнати.