Меркел се договори со Ципрас за враќање на мигрантите

Како што пренесува Фајненшл тајмс, грчкиот премиер Алексис Ципрас и германската канцеларка, Ангела Меркел, постигнале договор со кој ќе ѝ се олесни на Германија враќање на мигрантите назад во други земји од Европската унија, односно во земјите во кои азилантите првобитно пристигнале.

Потсетуваме дека Меркел пред неколку дена порача оти решение на ниво на ЕУ најверојатно нема да се постигне бидејќи сè повеќе земји се против имиграциската политика која што таа ја фаворизира, но посочи дека Германија ќе работи на постигнување посебни договори со одредени членки на Унијата за надминување на проблемот. Се проценува дека токму овој договор со Грција е чекор во тој правец.

Денеска и утре во Брисел се одржува вавжен Самит на ЕУ на кој главна тема е прашањето со мигрантите. Меркел се наоѓа под притисок да најде адекватно решение бидејќи на тоа инсистира нејзиниот коалициски партнер ЦСУ, од каде ѝ дадоа рок да најде решение до крај на самитот. Ако до тоа не дојде, ЦСУ ќе побара воведување на гранични контроли, но веројатно ќе се случи и распад на владината коалиција во Германија.