![mer](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/05/mer.jpg?resize=298%2C169&ssl=1)
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска застана во одбрана на германската разузнавачка агенција БНД, обвинета дека ги прекршила законите со тоа што им помогнала на САД да ги шпионираат европските официјални претставници и компании, додавајќи дека нејзината канцеларија во целост ќе соработува во истрагата на парламентарниот комитет за шпионската афера, пренесе Танјуг.
Во својот прв јавен коментар на оваа тема Меркел изјави дека и натаму верува дека е неприфатливо пријателските земји да се шпионираат едни со други, што се однесува на скандалот од 2013 година кога беше откриено дека американската разузнавачка агенција НСА го прислушкувала нејзиниот телефон, пренесуваат британските медиуми.
„Меѓутоа, од друга страна, разузнавчките агенции работат на тоа да осигураат безбедност на граѓаните, а германската Влада ќе направи се што е во нејзината моќ да обезбеди добро извршување на своите задачи, истакна Меркел.
„Таа способност на извршување на своите задачи и покрај меѓународните закани од тероризам се постигнуваат во соработка со другите разузнавачки агенции, а тоа, пред се, се однесува на НСА“, рече канцеларката.
Германските медиуми вчера јавија дека опозицијата и се закани со тужба на Владата во Берлин доколку не им се дозволи увид во листата на барани објекти кои Сојузната разузнавчака служба (БНД), според нивните сознанија, ги прислушкувала за американската разузнавачка агенција НСА, а постојат и барања за сослушување на шефовите на Канцеларската служба.