Меркел смета дека треба да се разговара и со Хамас

Германската канцеларка Ангела Меркел го истакна во четвртокот правото на Израел на самоодбрана но рече дека со цел да се поттикнува примирјето секако треба да се разговара и со палестинското исламистичко движење Хамас, кое е на власт во Појасот Газа од 2007 година кога ги протера функционерите на Палестинската самоуправа на претседателот Махуд Абас.

„Секако дека и Хамас во некоја форма мора да биде вклучен во разговорите, без нив нема примирје“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на 23-от форум во организација на јавниот сервис Westdeutsche Rundfunk во Келн.

Меркел изјави дека Европската унија низ транатлантската соработка сака да придонесе да се создаде ситуација која би овозможила примирје.

Канцеларката рече и дека Египет и другите арапски земји се важни во овој процес поради тоа што располагаат со „соодветените канали“ преку коишто е можно да се оствари контакт со Хамас, кого ЕУ го третира како терористичка организација. Меркел, меѓутоа, уште еднаш го истакна правото на Израел на сомоодбрана.

„Ние цврсто го поддржуваме правото на Израел на самоодбрана. И исправно е што Израел масовно се брани од нападите. Кога се протестира пред синагогите, кога се палат знамиња и кога јасно се дава на знаење дека не станува збор за политички протест туки за Евреите воопшто, тогаш тука нема место за толерирање“, изјави Меркел истовремено напаѓајќи ги антисемитските инциденти во текот на протестите минатите денови во Германија.

Германскиот министер за надворешни работи Хаико Маас престојува во четвртокот во Израел и на Палестинските области каде што води разговори со двете страни со цел да се постигне запирање на нападите. Тој е првиот висок европски функционер кој го посетива овој регион од почетокот на ескалацијата меѓу Израелците и Палестинците.

„Сѐ што правиме мора да се согледува во контекстот на напорите на Американците и другите европски земји, самите нема да бидеме рашавачкиот фактор“, предупреди во врска со тоа Меркел.