Во своите мемоари, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел уште еднаш ја оправда својата политика кон Русија и нејзиното противење Украина да влезе во НАТО, објавија во четвртокот германските медиуми.
„Влезот на нова членка во НАТО не само што има за цел да ја зголеми безбедноста на новата членка, туку мора да се земе предвид и безбедноста на целата алијанса“, цитира неделникот Die Zeit делови од мемоарите на Ангела Меркел со наслов „Freiheit“ ( „Слобода“) кој треба да биде претставен следната седмица.
Исечокот особено се однесува на политиката на Ангела Меркел кон Русија, која во меѓувреме често беше критикувана, и нејзината наводна отстапка кон Владимир Путин. Многумина веруваат дека Русија никогаш немаше да ја нападне Украина доколку Меркел дадеше зелено светло на апликацијата за членство на Украина и Грузија на состанокот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
„Целосно ја разбрав желбата на земјите од Централна и Источна Европа за што поскоро членство во НАТО. Меѓутоа, со секое проширување, самата алијанса требаше да прегледа како тоа ќе влијае на безбедноста, стабилноста и ефикасноста на НАТО“, напиша поранешната канцеларка во своите мемоари.
Наведува дека во тој момент во случајот со Украина требало да се земе предвид фактот дека Русија историски ја стационира својата Црноморска флота на полуостровот Крим, што би донело „непредвидливи последици“. Меркел истакнува и дека во тоа време само малцинство Украинци го поддржале барањето за влез во НАТО.
Поранешната канцеларка во своите сеќавање наведува дека начелното зелено светло за Украина и Грузија на самитот во Букурешт за Путин би значело повик за борба.
„Еднаш подоцна Путин ми рече: ‘Ти нема да бидеш засекогаш канцеларка и тогаш овие земји ќе станат членки на НАТО. А јас сакам да го спречам тоа“, се наведува во мемоарите на поранешниот долгогодишна германска канцеларка.
Нејзините мемоари „Freedom: Memories 1954-2021“ (Слобода: Спомени 1954-2021) ќе бидат објавени во повеќе од 30 земји на 26-ти ноември. Меркел ќе ја претстави книгата во САД една седмица подоцна на настан во Вашингтон со поранешниот претседател Барак Обама, со кого има блиски политички односи и покрај избувнувањето на скандалот со кој се покажа дека американското разузнавање со децении ја прислушувало уште од периодот додека била опозиционерка и кое продолжило и во годините откако стана канцеларка.
Весникот Die Zeit, исто така, објави и исечоци од споменатите мемоери на Меркел според кој таа побарала совет од папата Франциск за однесувањето кон Доналд Трамп кога тој првпат беше избран за претседател на САД, надевајќи се дека ќе изнајде начини да го убеди човекот за кој гледала дека има менталитет на инвеститор да на се откаже од Парискиот климатски договор.
Во нејзините мемоари, чии први делови беа објавени доцна вечерта во средата, долгогодишната германска канцеларка ги детализираше нејзините тешкотии со Трамп, кој ѝ се чинел дека е „фасциниран од рускиот претседател Владимир Путин и другите авторитарни лидери“.
„Тој гледаше сè од перспективата на претприемачот што беше пред да влезе во политиката. Секоја парцела можеше да се продаде само еднаш, а ако тој не би ја добил, тогаш би ја добил некој друг. Така тој го гледаше светот“, се присетува Меркел на односот со човекот кој по четири години се враќа во Белата куќа.
Папата Франциск, кога Меркел, генерално, го прашала за совет за постапување со луѓе „со фундаментално различни ставови“, веднаш сфатил декамислела на Трамп и неговата желба да се откаже од климатските договори, пишува поранешната германска канцеларка.
Кога Трамп првпат ја презеде функцијата во 2017 година, Меркел беше една од избраните лидери со најдолг стаж во светот и убедливо највлијателна во Европската унија откако го обликуваше одговорот на Германија и на континентот на должничката криза во еврозоната, пандемијата на ковид-19 и односите со Русија по превратот во Киев во 2014 година поддржан од некои западни земји предводени од САД.
Напишана пред реизборот на Трамп, книгата ја изразува „искрената надеж“ дека потпретседателката Камала Харис ќе победи на изборите во САД.