Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства. Ова е заклучокот на Државниот завод за ревизија, кој изврши ревизија на успешност на тема „Даноците за животна средина во функција на ефективно спроведување на политиките за заштита на животната средина“, согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година.
-Стекнато е разумно уверување, дека стратешката и нормативна рамка, усогласеноста на националното со ЕУ законодавството за животна средина, воведување на начелото „загадувачот плаќа“, воведување на надоместоците за животна средина и инвестициските вложувања по одделни области обезбедуваат одреден напредок во однос на спроведувањето на политиките, но истиот е недоволен за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства, е заклучокот на ревизорите врз основа на опфатот и доказите обезбедени со ревизијата.
Од ДЗР појаснуваат дека, согласно воспоставената статистика, даноците за животна средина се класифицирани во четири категории и тоа: даноци за загадување, даноци за искористување на ресурси, енергетски даноци и транспортни даноци.
-Од вкупните даноци за животна средина, со ревизијата се опфатија: даноците за загадување и даноците за искористување на ресурси како и дел од транспортните даноци за животна средина, кои за периодот опфатен со ревизијата од 2019 до 2021 година, изнесуваат 838.142 денари, велат од ДЗР.
Ревизорите утврдиле отсуство на интегриран пристап во решавањето на проблемите со животната средина на национално и локално ниво, а администрирањето на надоместоците за животна средина од повеќе институции не овозможува увид од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), надлежно за спроведување на политиката на животната средина.
-Со ревизијата е утврдено дека не се почитува принципот „загадувачот плаќа“ при утврдување на висината на надоместоците. Надлежните субјекти не го пресметуваат варијабилниот дел на надоместокот за испуштање на води, утврдени се фиксни износи на надоместоците за управување со отпад, надоместоците за поседување на интегрирана еколошка дозвола не се движат во законски определените рамки по емисиони точки, а општините немаат еднаков пристап при утврдување на основата за пресметка на надоместокот за услугите за собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад, соопштуваат од ДЗР.
Во ревизорскиот извештај се наведува дека, недостасува единствен информациски систем кој ќе ги содржи информациите и податоците од сите институции вклучени во процесот на пресметка и наплата на надоместоците, редовна институционална комуникација и координација за размена на податоците, а Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) нема законска надлежност за санкционирање на обврзниците кои не го платиле надоместокот, што не овозможува ефективно администрирање на приходите од надоместоците за животна средина.
-За периодот од 2020 година до денот на вршење на ревизијата, во Буџетот на РСМ не се остварени приходи по основ на надоместоци за користење и испуштање на води во износ од 101.616 илјади денари, за што се склучени спогодби, а процентот на неприходувана вода на ниво на држава од 60,46 отсто е значајно повисок од земјите на ЕУ (30 проценти), објаснуваат од ДЗР.
Поради неиздадени/ ненавремено издадени решенија за плаќање на надоместокот за поседување на А-интегрирана дозвола, ненавремено и нецелосно утужување, заклучно со 31.12.2021 година, остварени биле помалку приходи и во буџетот на МЖСПП, односно, ненаплатени биле побарувања од 9.453 денари, а отпишани 30.273 денари.
-Само 37 отсто од општините остваруваат приходи по основ на надоместоци за управување со комунален отпад, средства кои треба да бидат искористени за реализирање на регионалните планови и цели за управување со оваа област, велат од ДЗР.
Централната лабораторија за животна средина не е целосно акредитирана, а поради не воспоставената соработка со МЖСПП, ДИЖС користи услуги од приватни акредитирани лаборатории, кои во исто време вршат мерења и изготвуваат елаборати на загадувачите.
-Не може да се обезбеди показател за степенот на искористеност на средствата од надоместоци за животна средина во однос на финансирање на активностите од областа на животната средина, соопштуваат од ДЗР.
Во периодот 2019-2021 година, програмите за инвестирање во животната средина имаат реализација од 62,7 отсто, а поради не преземените мерки од договорните страни раскинати се договори за реализација на проекти од Програмата за управување со водите во износ од 6.520 илјади денари.
-Средствата од буџетот на МЖСПП не се доволни за финансирање на активностите во областа воздух и заштита на природата, а на локално ниво, планираните средства за заштита на животната средина не обезбедуваат реализација на планските документи и спроведување на активности во приоритетните зони и агломерации, истакнуваат од ДЗР.
Поради отсуство на интегриран пристап во начинот на распределба и користење на надоместоците за животна средина, според податоците од Државен завод за статистика, инвестициите и трошоците за заштита на животната средина учествуваат незначително во БДП со 0,6 отсто за 2020 година.
Од ДЗР нагласуваат дека целта на извршената ревизија е да даде одговор на прашањето: „Дали даноците за животна средина придонесуваат за унапредување на квалитетот на животната средина и рационално користење на природните богатства?”
Ревизијата е извршена како пилот ревизија во рамки на твининг проектот со Врховните ревизорски институции на Република Бугарија и Република Хрватска, проект кој е финансиран од средствата на Европската Унија.