Мерките за поддршка на градежните компании значат поддршка на домашната економија

Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората

Во претходниот јавен настап во присуство на претседателот Бранко Азески го истакнавме проблемот со енормниот раст на цените на градежните материјали и енергенсите со којшто во моментот се соочува градежната индустрија како резултат на последиците предизвикани од пандемијата, а потоа и од сите кризи (здравствена, економска, финансиска) кои се надоврзаа на пандемијата. Во денешното  обраќање целта е подетално да информираме за состојбите во оваа стопанска гранка кои се алармантни, поради што  уште еднаш апелираме до надлежните институции да се заложат за изнаоѓање мерки за поддршка на градежните компании кои се во незавидна состојба и чиј опстанок е доведен во прашање.

Основните градежни материјали бележат значителен раст на цените, а она што загрижува е што неизвесен е крајот на поскапувањата. Анализата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите покажува дека на пример, во периодот 03/2020 – 03/2021 цената на челичните профили и цевки порасна за 33 %; во периодот 03/2021 – 06/2021 за дополнителни 33 %, а до крајот на годината и до 95 %. Од почетокот на пандемијата до крајот на 2021 година поскапувањата кај оплатата, геокомпозитот, термоизолацијата ESP, заштитните премази, полимер-битуменот за асфалт и металните профили надминаа 50% и со особено изразен интензитет продолжија и од почетокот на оваа година.

Проблемот со поскапувањата ги засега сите сегменти на градежништвото и високоградбата и нискоградбата, а исто така и приватните вложувања и јавните инвестиции. Проблемот иако се манифестира во сите сфери, најмногу се чувствува во доменот на јавните набавки.

Како појаснување со што се соочуваат компаниите би сакале да истакнеме три аспекти кај јавните набавки:

  1. Прво, кај тековните јавни набавки има проекти кои се реализираат три, пет и повеќе години, при што кај набавките со фиксни цени, компаниите работат во услови на непроменети цени договорени пред неколку години и неможност на корекција на истите, додека кај набавките каде има пропишано клизна скала истата не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста.
  2. Второ, кај јавните набавки кои се пропишани и евалуирани, но не се започнати, проблемот е што цените кои се пропишани и евалуирани и пред месец дена повеќе не се исти со оглед дека од ден на ден се зголемуваат што доведува до тоа компаниите да ги откажуваат понудите, а сето тоа предизвикува имплликации од правен и економски карактер врз нив кои тешко може да ги поднесат имајќи ги предвид актуелните состојби.
  3. Трето, голем проблем се и новите јавни набавки со оглед дека условите по кои се пропишуваат се оние услови кои ги имавме една, две, пет и десет години, т.е. во услови кога нормално се живееше и работеше и не соодветствуваат со денешните состојби. Поради тоа, се доведува во прашање исплатливоста на реализацијата и се создава неизвесност во градежништвото што може да доведе и до пропаѓање на голем број тендерски постапки.

Поради сето наведено,

  1. предлагаме итна и недоложна средба со владини претставници на највисоко ниво со цел да ги презентираме последните наши предлози за надминување на посочените проблеми, кои произлегоа од одржаните состаноци во Стопанската комора и кои веруваме дека се соодветни во овој момент да помогнат за опстанок на голем број компании;
  2. информираме дека предлозите кои се однесуваат на методологијата за пресметка на разлики во цени во договорите за градење, ги доставуваме и во пишана форма до претседателот на Владата и заменикот на претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, како и до ресорниот министер, при што очекуваме дека овој пат ќе имаат слух и ќе ги разгледаат барањата на секторот кој е еден од двигателите на македонската економија.

Уште еднаш апелираме и нагласуваме дека со усвојувањето на мерки за поддршка за градежните компании, бенефит покрај стопанството ќе има и државата и граѓаните, преку повлекување на ангажманот на уште дваесетина други стопански гранки кои директно и индиректно се поврзани со градежништвото, зголемување на економската активност, како и задржување на работните места кои во градежништвото изнесуваат околу 7% од вкупно вработените лица на ниво на државата.