Мерко на општинската зграда постави табла со која се велича фашизмот

Нова провокација од градоначалникот Рамиз Мерко среде Струга. Надвор од сите правни процедури, без гласање на Советот по системот на Бадентер и без согласност од пошироката заедница, на влезот од општинската зграда е поставена спомен-плоча на која пишува: Основно училиште „Kонгрес во Битола” – 1-ви септември 1941 година.

Прекршувајќи го законот за употреба на македонскиот јазик, скандалозното обележје е испишано само на албански јазик и го велича фашистичкиот период во кој Струга била под италијанска окупација, чиј соработник била Кралска Албанија. На конгрес во Битола бил востановен албанскиот јазик, објави ТВ Алфа.

– Не верувам дека постои друг градоначалник во било која општина во светот кој што има поставено обележје на општинската зграда со која се слави, се велича фашистичката окупација на градот. Ние како општински комитет од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземеме буквално сите правни механизми кои ни стојат на располагање за да го спречиме ова понатамошно ширење на национализам, шовинизам и фашизам од страна на градоначалникот. За жал, очигледно е дека оваа влада ја има изгубено контролата над овие територии на Република Македонијa – вели Ален Деребан претседател на О.К на ВМРО ДПМНЕ Струга.

Повикувањето на придобивките стекнати под закрила на фашизмот со поставување на спомен-обележје на објект којшто повеќе од половина век беше училиште под името „Браќа Миладиновци”, прогласен за значајно културно наследство во 2013-та, не води кон соживот и заедништво во општина Струга, додава тој.