Аргентинската фудбалска икона Лионел Меси изјави дека нема да игра на годинешните Олимписки игри во Париз, иако тренерот на олимпискиот тим на Аргентина, Хавиер Маскерано претходно оваа година изјави дека ја оставил отворена вратата за капитенот на селекцијата.
„Разговарав со Маскерано и вистината е дека и двајцата сме свесни за ситуацијата дека сум на возраст во која не можам да играм на секое натпреварување. Сега сум со репрезентацијата на Копа Америка и кога би одел на Игрите, би бил отсутен од клубот три месеца, морам внимателно да ги одберам натпреварувањата а играњето на два последователни турнира би било премногу. Имав среќа да играм на Олимпијадата и да го освојам златото, тоа е прекрасно искуство кое никогаш нема да го заборавам“, изјави Меси во интервју за американската телевизија ESPN.
Меси е дел од аргентинската репрезентација која ќе игра на овогодинешната Копа Америка која од 20 јуни до 14 јули ќе се одржи во САД, а каде Аргентина ја брани шампионската титула.
Меси пред 16 години беше дел од аргентинската репрезентација на Олимписките игри во Пекинг и освои златен медал.
На Олимписките игри во фудбалски селекции настапуваат играчи до 23 години, но во секоја екипа можат да настапат и тројца постари играчи.
Олимписките игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август, а фудбалскиот турнир ќе започне веќе на 24 јули, односно два дена пред отворањето и само 10 дена по финалето на Копа Америка.