Лионел Меси како светски шампион се врати во родната Аргентина и ќе мине неколку дена на одмор во најблиско опкружување, но додека тој е насочен на релаксација, неговиот татко и агент веќе ги договорил сите детали со ПСЖ.
Како што јавува угледниот „Ле Паризен“, а информацијата ја потврдува и реномираниот „АС“, Меси донел конечна одлука за својата блиска фудаблска иднина, која останува тесно поврзана со клубот за кој настапува во овој момент.
Насер Ал Келаифи за време на мундијалот во Катар најави дека ќе има вести за Меси по крајот на мундијалот, но „Ле Паризен“ тврди дека Хорхе Меси постигнал преддоговор за продолжување на соработката уште на почетокот на месец декември.
Оваа информација ја потврдува и мадридскиот „АС“, кој повикувајќи се на свои извори вели дека времетраењето на новиот договор ќе изнесува 12 месеци.
Тоа значи дека Меси нема да се задржи само две години во Париз, туку ќе остане најмалку до летото 2024-та година, кога ќе наполни 37 години.
„Ле Паризен“ информира дека Лео не се двоумел премногу околу прифаќањето на понудата, бидејќи неговото семејство е среќно во Париз, а ПСЖ му овозможува и натаму да се натпреварува на највисоко ниво во Европа и да се бори за титулата во Лигата на шампиони.