Американскиот дигитален гигант „Meta“ го одложува лансирањето на својот нов софтвер за вештачка интелигенција во Европа поради загриженоста на агенциите за заштита на податоците, објави во саботата германската агенција dpa.
Ирскиот орган за заштита на податоци задолжен за „Meta“ во Европската унија побара од компанијата засега да не ги обучува своите модели со вештачка интелигенција врз основа на јавно достапни објави на социјалните мрежи Facebook и Instagram во нејзина сопственост.
Без обука со локална содржина, „Meta“ не може да им понуди на корисниците во Европа најдоброто искуство, објави компанијата во блог пост во петокот. Воедно, „Meta“ наведе дека е убедена оти нејзиниот пристап е во согласност со европските закони и прописи.
„Meta не е единствената која обучува вештачка интелигенција, и ние сме потранспарентни од многу други во нашата индустрија“, велат од компанијата.
Одлуката за одложување дојде по критиките дека „Meta“ само им дава на луѓето можност да се спротивстават на користењето на нивните податоци, но не побарала од нив експлицитна согласност.
Активистите за заштита на податоци од организацијата NOYB потоа поднесоа жалби во 11 земји минатата седмица и ја критикуваа „Meta“ за нејзината „скриена и погрешна“ процедура.
„Meta“ првично тврдеше дека постои „легитимен интерес“ за обука на модели за вештачка интелигенција и дека за таа цел треба да се користи само јавно достапна содржина од возрасни корисници.
Органот за заштита на податоците на Ирска во петокот ја поздрави одлуката на „Meta“ да ги одложи своите планови во Европа.
Компанијата се натпреварува со други програми како што е четботот ChatGPT со софтвер за вештачка интелигенција „Meta AI“.„
„Meta“ вештачката интелигенција е дизајнирана да генерира текст и слики и да одговара на прашања од корисниците. Во последниве месеци, „Meta“ постојано нагласуваше дека вештачката интелигенција суштински ќе ги промени социјалните платформи.
Во исто време, „Meta“ наведе дека има намера да продолжи да ја носи функционалноста на вештачката интелигенција во Европа.