Meta им го забранува пристапот на руските медиуми

Американската технолошка компанија „Meta Platforms“ објави забрана на своите социјални платформи за руската државна телевизија RT, медиумската куќа „Россия сегодня“ и другите руски државни медиуми, тврдејќи дека наводно користеле измама за да спроведат тајни операции на онлајн влијание.

Забраната означува остра ескалација на акциите на најголемата светска компанија за социјални медиуми против руските државни медиуми, откако со години поминаа преземајќи поограничени чекори како што се блокирање реклами и намалување на досегот на нивните објави.

„По внимателно разгледување, ги проширивме нашите тековни мерки против руските државни медиуми. Россия сегодня, RT и други поврзани субјекти сега имаат глобална забрана за нашите апликации поради активности на странско мешање“, се вели во писмената изјава на Meta.

Спроведувањето на забраната ќе стапи на сила во наредните денови, се вели во соопштението. Покрај Facebook, апликациите на Meta вклучуваат Instagram, WhatsApp и Threads.

Руската амбасада не одговори веднаш на барањето на Reuters за коментар, а Белата куќа одби да коментира.

Потегот на „Meta Platforms“ доаѓа откако Соединетите држави покренаа обвиненија за наводно перење пари против двајца вработени во RT претходно овој месец за, како што рекоа официјални лица, ангажирање на американска компанија за интернет содржини за да влијае на овогодинешните претседателски избори во САД, но притоа не беа дадени докази.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во петокот рече дека земјите треба да ги третираат активностите на руската државна телевизија како што ги третираат тајните разузнавачки операции.

RT ги обвини САД дека се обидуваат да ја спречат телевизијата да дејствува како новинарска организација, а Кремљ оцени дека станув збор за грубо нарушување на слободата на говорот и најави соодветен одговор во однос на западните медиуми. Инаку активностите на социјалните мрежи во сопственост на „Meta Platforms“ е забранета како „екстремистичка“.

„Многу, многу негативно, ова е директна дискредитација на Meta, односно Meta отворено се дискредитира со овие дејствија и, се разбира, ваквите селективни дејствија против руските медиуми се неприфатливи, затоа имаме крајно негативен став кон ова и ова, се разбира, ги комплицира изгледите за нормализирање на нашите односи со Meta“, им рече Песков во вторникот на редовниот брифинг за новинарите на прашањето како Кремљ ги оценува активностите на американската компанија во однос на руските медиуми.