МФ: Јавниот долг заклучно со 31 декември е 60,9 отсто од БДП

Јавниот долг заклучно со 31.12.2021 година изнесува 60,9 отсто од БДП, соопшти денеска Министерството за финансии.

Според Министерството, јавниот долг се менаџира и се одржува на стиблно ниво и на крајот на 2021 година е понизок за 0,1 процентен поен во однос на 2020 година.

-Јавниот долг се одржува на стабилно ниво. И во услови на здравствена криза која трае во последните две години, а последниот квартал на 2021 година се соочуваме и со енергетска криза, со политиките и мерките што ги преземаме нивото на јавниот долг на крајот на 2021 година забележа намалување во споредба со нивото на јавниот долг на крајот на 2020 година. На крајот на 2021 година јавниот долг забележа намалување од 0,1 процентен поен во споредба со состојбата на јавниот долг на крајот на 2020 година, додека во третиот квартал имаше намалување од 3,8 процентни поени во однос на претходниот квартал. Остануваме на определбата јавниот долг да го позиционираме под Мастришкиот критериум од 60 отсто од БДП, така што согласно проекциите со Стратегијата за управување со јавниот долг во 2026 година тој треба да се намали на ниво од 57,7 отсто од БДП, наведува Министерството.

Министерството за финансии ги објавува податоците за јавниот долг на квартално ниво, додека за државниот долг на месечно ниво. Според последните податоци државниот долг на 31.12.2021 година е на ниво од 51,9 проценти од БДП.