Австралиски брод во потрага по исчезнатиот авион „Малезија ерлајнс“ открил сигнали кои одговараат на оние од црната кутија, потврдил шефот на воздухопловната потрага.
Опремата на брод од Американската морнарица „собрала“ денеска сигнали кои би можеле да потекнуваат од црната кутија на авионот што се смета за „траг што најмногу ветува“ во текот на речиси едномесечната потрага за исчезнатиот малезиски авион.
Координаторот на меѓународната потрага по исчезнатиот авион Ангус Хјустон рекол дека детекторот регистирал остри звуци кај северозападниот брег на Австралија.
Ова откритие Хјустон го нарекол „трага која најмногу ветува“. Тој, меѓутоа, додава дека авионот се уште не се пронајден и дека му се потребни повеќе информации.
„Два одвоени сигнали се регистрирани. Првиот траеше два часа и дваесет минути пред да биде изгубен“, рекол шефот на австралиската агенција која ја координира потрага по авионот.
„Значајно е дека тоа би можеле да бидат двата трансмитери – рекордерот што ги запишува податоците за летот и рекордерот што ги снима гласовите во кокпитот“, навел Хјустон.
Потврдувањето дали фатените сигнали се навистина од црните кутии на авион со 239 патници и членови на екипажот што исчезнат на осми март за време на летот Куала Лумпур – Пекинг, би можело да трае неколку денови.
Кинеската новинска агенција Синхуа јави дека во саботата вечер патролен брод „Хаиксун 01“ во јужниот дел на Индискиот океан открил „пулсен сигнал“ од 37,5 килохерци иста фреквенција што ја емитуваат уредите кои ги снимаат податоците од летот на авионот и во кокпитот.
Вториот сигнал е регистриран на помалку од два километри од првобитниот и разлика од само неколку часа.
Авион од типот „боинг 777“ изгуби комуникација и исчезна од радарите помалку од час време по полетвањето од Куала Лумпур. Малезиските власти веруваат дека се урнал во јужниот дел на Индискиот океан.