Мијалков ја тужи државата во Стразбур за притворот во 2018 и 2019 година

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ја тужи државата во Судот за човекови права во Стразбур, за мерката притвор која му била одредувана во 2018 и 2019 година, за неколку предмети покренати од СЈО.
Поточно, го оспорува притворот одреден за време на истрагата за случајот „Империја“, за „Таргет и Тврдина“ и за „Титаник 2“, објави Фокус.

Во апликацијата се наведуваат податоци за изрекувањето и времетраењето на притворот за секој од предметите, па така се потенцира дека во ноември 2018 година му бил одреден притвор за случајот „Империја“, поради ризик од бегство. На 1 декември притворот му бил укинат, но потоа му бил одреден нов за случајот „Таргет и Тврдина“, исто така поради ризик од бегство.

-На 29 декември 2018 година, Основниот суд Скопје донесе одлука со која му се определува куќен притвор на жалителот поради ризик од бегство. Куќниот притвор беше продолжен на 25 јануари и 26 и 28 февруари 2019 година. На 1 февруари 2019 година жалителот побарал да му се укине куќниот притвор, што барањето беше одбиено од Основниот суд Скопје на 1 април 2019 година. На 27 март 2019 година, по жалбата на жалителот, Врховниот суд ја поништи наредбата за куќен притвор и го ослободи жалителот од притвор, пишува во апликацијата.

Потоа се оспорува и притворот одреден по пресудата за случајот „Титаник 2“, односно дека Мијалков повторно бил вратен во истражниот затвор „Скопје“ на 8 март 2019 година, а Апелација му го заменила притворот со куќен притвор.

По оваа статистика, адвокатот на Мијалков навел и дека притворот бил незаконски и неразумен.

-Тужителот се жали дека притворот од претходна постапка, определен во првиот сет на постапки, бил незаконски, произволен и неразумен, што ги прекршува различните аспекти на членот 5 од Конвенцијата. Понатаму, тој се жали дека постапката за ревизија пред Апелациониот суд во Скопје, по неговото барање укинување на наредбата за куќен притвор од 1 февруари 2019 година (наредена во втората постапка), не биле компатибилни со членот 5 став 4 од Конвенцијата, се наведува во апликацијата.

Во тужбата исто така се поентира и дека во 2016 година тогашниот претседател на државата донел одлука за помилување, со што Мијалков бил иземен од гонење за некои кривични дела. Потоа се појаснува и дека претседателот Ѓорѓе Иванов ја поништил дадената аболиција, за што се води посебна постапка пред европскиот суд.

Прочитајте повеќе на ФОКУС