Со сведочење на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Монструм“ кој се однесува за убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смилсковското езеро, на 12 април 2012 година.
Мијалков за настанот дознал половина час после убиството. Случајот го воделе БЈБ, а Управата била вклучена со помагање во информации.
-УБК беше присутна во својство и улога на собирање на информации по однос на оперативни сознанија. За овој случај беа ангажирани сите ресурси на УБК и БЈБ, појасни Мијалков на прашање на обвинителката Фатиме Фетаи.
Татко на еден од петте убиени, Горан Наќески, го праша Мијалков дали е точно дека имало вмешаност на тајните служби во „Монструм“, како што им кажал поранешниот премиер Зоран Заев, на средба во Владата.
„Јас можам да сведочам како сведок за тоа што сум го слушнал и видел. За каква
вмешаност ви кажувал премиерот, јас стварно не знам“, рече Мијалков.