Ми го скршија носот, ме удираа со столов и монитори

По сведочењето на Талат Џафери, за обидот за убиство на Зијадин Села, во Кривичниот суд денеска сведочеше и министерот Дамјан Манчевски.

По завршувањето на пресот веќе слушнавме дека упаднале луѓето што протестираа. Се слушаше кршењето на стаклото и надоаѓаа луѓе. Бев во холот кога се појавија луѓе со фантомки. Веднаш влегов и се обидовме да ги симнеме пратениците кои беа во галеријата затоа што се плашевме да не бидат бутнати. Се слушаше дека топата е пред врата на прес центарот и набрзо се пробија. Веднаш кон мене се упатија неколкумина и ме удрија со бокс во лицето. Потоа се утврди дека носот ми е скршен. Обезбедувањето ме повлече за да ме заштити. Потоа сите удираа. Некој со раце, некој со сталци од камери, столови и монитори. Се што имаше во салата беше фрлено кон нас. Тоа траеше два и пол часа – рече Манчевски.

Според него Зијадин Села и останатите пратеници константно биле цел на нападите.

Видов дека беше повреден. Имаше крв на главата. Слушав закани и за него лично, за Зоран Заев и за останатите. Дел ги повикуваа со име, а имаше и генерално повикување. Викаа „Убиј го Заев. Убиј го Заев. Убиј ги предавниците!“, рече Манчевски кој спомена дека имало и закани за нивно бесење.

За лицата со фантомки министерот рече дека не биле многу гласни, но се забележувало дека ги координирале останатите.

Кога остантите замолчуваа тие почнуваа да викаат и ги поттикнуваа и останатите. Ќе се качеа на некоја од масите и ги повикуваа да продолжат со активностите – рече тој.

Тој опиша дел од насилниците, односно посочуваше како биле облечени.

Во одреден момент еден од толпата се сврте и почна да не брани. Мислам дека тоа се случи кога влезе пратеникот Влатко Ѓорчев – рече сведокот, тогаш пратеник, мислејќи на обвинетиот Александар Јаневски, познат под прекарот Тошта.

Тој го опиша и нападот врз Села, односно она што можел да го види.

Едно време видов дека лежи човек, а насобраните го маваат со клоци и со предмети. Неговото тело се поместуваше од ударите – рече министерот, додавајќи дека Села го напаѓале десетина лица.

Тој не успеа да ги препознае тепачите на Села, односно рече дека не можел да каже точно кој го удирал.

Дознав дека тој што лежи е Села бидејќи некој извика дека го убиле Села, по што дел почнаа да слават – рече Манчевски.