„Ми се налутија од Влада оти реков дека не е време за зголемување на платите“, вели Пендаровски

„Да, и во најголем дел тоа не беше јавно, туку во приватна комуникација со првите луѓе во Владата“, рече претседателот Стево Пендаровски вечерва во интервју за Сител телевизија.
Оваа реакција следувала откако претседателот изјави дека во моментов платите на функционерите не смеат да бидат зголемени.
„Меѓутоа, таа одлука објективно ви кажувам како граѓанин, не како претседател, таа не може да се брани. Не може да се брани во време кога имате кризи, кои се засилуваат, кога замрзнувате цени на продукти итн“, додаде Пендаровски.
Во интервјуто откри и дека имал разговор со премиерот Димитар Ковачевски на таа тема.
„Ургирав колку е можно. Ако паметите, Ковачевски уште минатата година најави дека ќе имаме еден системски закон, со кој, оној кој е на државен буџет не може да има поголема плата од претседателот, премиерот и така натаму. Со тоа би имале нивелација на платите“, додаде тој.
Претседателот откри дека во моментов има агенции кои „не се толку важни“, а вработените добиваат повисока плата дури и од претседателот и премиерот
„Во оваа држава има над 1.300 различни агенции/дирекции итн. За половина од нив не можете името да им го погодите, ниту да знаете што всушност работат“, дециден е Пендаровски.
Платата на претседателот е 93.000 денари денари со 32 години стаж.