Дисциплинската комисија на државната информативна агенција (МИА) го суспендираше новинарот Цветин Чилиманов од неговото работно место. Новинарот е суспендиран поради реплика на социјалната мрежа „Твитер“.
Чилиманов има рок од три дена да се изјасни во врска со суспензијата, за потоа, откако ќе ги сослуша неговите аргументи, комисијата ќе достави предлог до директорот на МИА, кој треба да реши дали Чилиманов ќе добие отказ од работното место, ќе биде казнет, или нема да сноси последици.
Познатиот новинар е суспендиран затоа што пред два дена, Чилиманов на „Твитер“ цитираше статус на дописничката на „Фајненшл Тајмс“, Валери Хопкинс во која таа ги понижува македонските граѓани преку пример за разговор со таксист, на што тој порача:
„До сите таксисти што ме следат, ако ви влезе оваа во кола, време е за чичко Кумплунг“.
Но, се чини дека во МИА правилата кои важат за еден, не важат за друг. Јавноста беше сведок на говор на омраза на претседателот на надзорниот одбор на компанијата, Зоран Иванов, но, тој се’ уште е на функција.
Иванов во фејсбук дебата истакна дека и покрај тоа што сака да е „легалист“ сега нема потреба да се почитува законот и граѓаните треба „за уши“ да се носат на референдумот.
-И јас сакам да сум “легалист“ ама (генерално за во Македонија), тоа е мисловна именка. Затоа сега нема закон – сите “за уши“ па на референдум. Во интеграции макар “неправно“. Ова токму во функција и овде во Македонија конечно да проработи правото, тоа е мотивот. Кога еволуцијата е бавна, проработува револуцијата, само да е “просветлена“, да води кон европски вредности. – напиша Иванов.