Мицевски: Од утре со активна блокада на Собранието за спас од ценовните шокови и сиромаштијата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната координативна средба на која присуствуваше и претседателот, Христијан Мицкоски, разговараше по единствена точка, активна блокада на Собранието на Република Македонија.

„Едногласно беше прифатена одлуката што претходно ја донесе Извршниот комитет на партијата, од утре да се пристапи во Собранието со активна блокада на сите штетни закони, политики застапувани од неодговорната и неспособната власт. Активната блокада е последица, реакција на акцијата на Владата на Ковачевски, предводена од СДСМ и ДУИ, кои не покажаа чувство за државност и одбија секаква можност за дијалог по најважните прашања во оваа држава. Епилогот- активна блокада уследува откако претходно Ковачевски и Владата одбија дијалог во четири клучни области за граѓаните, економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија, и како природно решение на сите овие проблеми, разговор за датум за предвремени избори и соочување со волјата на граѓаните, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

Тој посочи дека ќе има активна блокада затоа што имаме живот во национална катастрофа. Дополни дека, тоа што премиерот Ковачевски од целата оваа понуда за нормален дијалог, се фокусира само на предвремени избори, покажува дека всушност и тој е свесен дека е премиер на Влада што нема поддршка од народот.

„Понудата на ВМРО-ДПМН опфаќа и решенија во економија, здравство, образование, надворешна политика и разговор за предвремени избори, не е шведска маса со која што премиерот може да се служи во сегментите во кои што само на нему му одговараат. Ќе има активна блокада, затоа што имаме живот во национална катастрофа. Активна блокада за спас од ценовните шокови. Активна блокада на криминалната банда на власт. Активна блокада на лицемерието на власта, на предавствата, за спас од сиромаштијата. Ова е процес кој што ќе трае, а ние сме подготвени да одиме до крај. Затоа што можеме и мораме да ја осигураме иднината на нашите сограѓани, порача Мицевски.