Мицевски: СДС не прифаќа заштита на македонскиот национален интерес и брза интеграција на Македонија во ЕУ, бидејќи се спрема за ново национално предавство

Владејачкото мнозинство се наоѓа во ќорсокак, смета координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во интервју во дневникот на ТВ Канал 5.

Мицевски посочи дека Димитар Ковачевски се уште се нема изјаснето за двата предлози од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-ВМРО-ДПМНЕ даде два предлози за кои што сеуште нема одговор од страна на Ковачевски. Двата предлози се многу конкретни. Првиот предлог, преодна влада без ДУИ и измени кои што ќе стапат во сила со завршувањето на преговорите и членство на државата во ЕУ. И вториот предлог избори кои ќе бидат брзи, гаранции за националниот идентитет и јазик од Европската Унија, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права и влада без ДУИ повторно поддржана од опозицијата, рече тој.

Мицевски спомена две можни сценарија како резултат на молчењето од страна на владејачкото мнозинство, а тоа е бидејќи СДС не сака да ја испрати ДУИ во опозиција или пак сака да направи уште едно тивко национално предавство.

-Овде има две сценарија или СДС не сака да ги пушти или испрати ДУИ во опозиција, или пак СДС е решен повторно тивко да изврши национално предавство, затоа што гледаме дека конкретен одговор на двата предлози нема, изјави Мицевски.

Мицевски додаде дека со предлозите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, се заштитува македонскиот национален интерес, се става државата на брза трака за интеграција во ЕУ, како и се спречува понатамошно блокирање од страна на Бугарија.

-Ние го заштитуваме македонскиот народ, обезбедуваме интеграција, заштитени се националните интереси, значи долговековната традиција, јазик, култура ќе бидат заштитени, односно дека нема да може Бугарија дополнително повторно да ја условува Македонија, заклучи Мицевски.