Мицкоски: 30 години постојано попуштаме како држава, мора да ги одбраниме црвените линии на идентитетот

Не може повеќе отстапки, доволно е, триесет години нѐ газат. До кога ќе попуштаме? До кога ќе ни викаат уште ова попуштете и ќе биде датумот (за пристапните преговори со ЕУ). Мора да ги исцртаме црвените линии. Ние сме Македонци со своја култура, со свои обичаи, своја историја, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Мицкоски истакна дека не смееме да дозволиме билатералното прашање со Бугарија да биде дел од условите за отпочнување на преговори со ЕУ, и тоа јасно е кажано од Стејт департментот.

„Нашиот стратешки партнер САД, беа јасни и кажаа дека не може билатерално прашање да биде за тоа услов. Никој не смее да го прифати тоа. Потребно е дефинирање на црвени линии и никако прифаќање на наметнатите услови за преговори кои ги дава Бугарија. Надвор процесот на преговори со ЕУ треба да се решава тоа прашање“, потенцираше Мицкоскки.

Истакна дека доколку се прашува Заев тој се би потпишал и затоа потребна е револуција на македонскиот народ која нема да дозволи да не избрише како народ и држава.

„Ако нема критично тело за револуција на македонскиот народ, за тоа што тие ќе се осудат да го потпишат, престануваме да постоиме. Јас ќе бидам во првите редови на таа револуција и очекувам да ги видам сите политичари и бизнисмени кои 30 години леб јадат од оваа држава“, рече Мицкоски.