Мицкоски: 50-тина ученици во Таринци, општина Карбинци, ќе добијат нова училишна зграда

-Чест и задоволство е секогаш да се биде дел од нешто што се започнува да се гради, нешто што за локалното население овде во општина Карбинци, во Таринци, ќе значи подобар живот и подобри услови за мештаните. А, она што е многу важно, подобри услови за најмладите. Му честитам на градоначалникот, на советниците, на администрацијата, што навистина прават сѐ што можат, и покрај тоа што Карбинци е помала општина кога станува збор за бројот на жители. Но, навистина се прават исклучително големи работи кои многу значат за луѓето овде. Ги охрабрувам да продолжат, затоа што на тој начин ќе ја вратиме довербата кај граѓаните, која во минатото од многу политичари е загубена поради лошо однесување и постапки. Ова денеска за медиумите го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Добив информација дека околу 50-тина се практично дел од ова училиште кое ќе треба да биде сосема ново  почетокот на оваа учебна година, на први септември. Овие педесетина дечиња ќе имаат нова зграда, едни европски услови за учење, за образование, што е многу важно, бидејќи од најмлади години мора да ги стимулираме децата да израснат во комплетни личности кои понатаму ќе ја градат оваа држава. Уште еднаш да честитам, да ги охрабрам и градоначалникот и мнозинството во Советот, и администрацијата во Општина Карбинци да продолжат да прават вакви капитални дела и да покажат разлика меѓу оние кои се дел од Владата на ДУИ и СДСМ, кои наместо да градат, на дневна основа сме сведоци на многу коруптивни скандали и крадат, рече Мицкоски.