Попладнево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија застанува зад независната кандидатура на Данела Арсовска „како кандидат на граѓаните, а не на партијата“ и дека веќе е прецизирана соработка со Алијанса/Алтернатива за дел од општините.
Данела Арсовска не е наш кандидат за градоначалник на Скопје, туку е кандидат на граѓаните и таа побара поддршка од партиите за својата кандидатура. ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука на своите партиски тела да ја поддржи кандидатурата на Арсовска за добро на Скопје и скопјани. Очекуваме таа да победи“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Притоа клучните ветувања за капитални проекти кои ќе го подобрат живеењето на скопјани не се реализираат. Нема ниту еден значаен капитален проект од актуелната управа во градот кој е започнат, изграден, а потоа реализиран. Ако оправдувањето на власта е дека имало недостаток на средства за нови капитални проекти, тогаш одговорот е дека тоа не е точно затоа што за повеќе од 4 години потрошени се 4 буџети на градот Скопје од вредност е над 400 милиони евра. Повторувам потрошени се над 400 милиони евра, а епилогот е град кој не се развива и создава решенија за проблемите на скопјани. Во Скопје нема недостаток на финансиски средства за проекти, во Скопје има недостаток на градоначалник и тим кои ќе работат и ќе го развиваат градот. Наместо да се имплементираат проекти кои градот ќе го воведат длабоко во 21 век, имаме проблеми од 19 век. Делови на Скопје немаат вода за пиење, имаат проблем со канализација. Партизанска се поплавува при најмал дожд. Скопје нема Луна парк, но затоа има бетон, бетон и бетон кој го загрозува квалитетот на живот. Скопје не е центар на културните збиднувања. Нема капитални проекти кои ќе ги решат клучните проблеми на градот: загадениот воздух, сообраќајниот хаос, потребата од зеленило и паркови. Сето ова се последиците. Причините треба да ги бараме во ароганцијата на градоначалникот, неисполнетите ветувања, но и отсуството на работа, вели Мицкоски.
Тој додава дека епилогот е создавање на апатија, резигнираност кај граѓаните. Гадење од политика, и демотивација.
-Затоа на Скопје му е потребно способен и подготвен менаџер на градот, личност која ќе ги обедини најспособните и најкомпетентните за да се гарантира неговиот развој. Но исто така и влевање на сериозна надеж дека знаеме како треба да се обезбеди развојот на градот. Скопје мора да стане град за сите луѓе. И секогаш во нашите одлуки се водиме пред се од интересот на сите граѓани. Во овој случај, имавме во предвид дека потребно е да се избере решение кое обединува, кое ќе може над партиски да обедини професионалци и компетентни луѓе и личност која е докажан професионалец во својата работа. Токму ИК на партијата, а потоа и ЦК донесе одлука да го поддржи идниот градоначалник на Град Скопје, а тоа е Данела Арсовска. Личност со импозантна биографија зад себе, со докажани и признаени успеси во стопанството, жена која го предводи Сојузот на стопански комори на Македонија. Работи како меѓународен експерт кој ги креира политиките за интегритет за лидерите на земјите на Г20, тоа се најсилните економии на светот. Дел во раководството на Светската федерација на комори како единствен форум кој раководи со повеќе од 12.700 стопански комори од целиот свет. Само 4 жени во светот се носители на таа функција. Прогласена за најдобар женски пример во деловниот свет за Југоисточна Европа. Професионалци и компетентни луѓе со докажан квалитет и резултати зад себе е потребно е да ги преземат работите кои се важни за вашите животи. Затоа што времето за сите одминува, вели Мицкоски.
Тој потенцира дека цврсто сум убеден дека го имаме идниот градоначалник на Скопје. Да се обединиме сите жители на Скопје околу жената која ќе го креира идниот развој на Скопје. Скопје заслужува промени, Скопје ќе се избори за промени.
-Скопје заслужува силна жена за градоначалник која ќе ги штити пред се и над се интересите на градот. Данела е личност која победува, и убеден сум дека ќе победи и во оваа трка најзначајна за скопјани и градот Скопје. Овој град паметел подеми и падови, градители и разурнувачи. Паметни и способни луѓе, но и арогантни поединци кој ја имаат окупирано функцијата градоначалник. Имаме 4 години стагнација. Скопје не смее да чека нови 4 години на експерименти и вложување надеж во арогантни и неспособни градоначалници и луѓе кои по 4 години мандат ќе ви велат дека само што не ги почнале ветувањата кои требале да ги започнат уште во првата година од мандатот. Ќе ветувањата не минуваат како и привидот од поставените тараби кои се единствената активност на местата каде требале да започнат да се реализираат ветените големи проекти. Данела за градоначалник е одговорот и решението. Донесовме значајна одлука денес, одлука со која се означува времето на промени, на нов почеток за Скопје кое ќе е на сите луѓе. Одиме на сигурна победа заедно со Данела Арсовска за Скопје, рече Мицкоски.
На прашањето дали средбата со Арсовска на коалицијата Алијанса/Алтернатива значи и нивна поддршка за нејзината кандидатура, Мицкоски не одговори директно. Рече дека со таа коалиција ВМРО-ДПМНЕ договори соработка.
„На пример, каолицијата ќе ги поддржи нашите кандидати за градоначалници во Бутел и Гази Баба, како и во некои други општини каде нема да истакнат свои кандидати, а ние, на пример, ќе ги поддржиме нивните кандидати во Сарај, Дебар, Струга, Гостивар и во некои други општини“, рече Мицкоски.