Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа ја прокоментира полициската акција во Струмица каде беа уапсени неколку лица кои не го почитувале полицискиот час делејќи хуманитарна помош од име на семејството Заеви. Тој запраша доколку се било чисто и не било направен никаков прекршок, зошто еден член на семејството Заеви насилно се однесувал во полициската станица во Струмица.
-Знам дека имало прилично непријатни сцени, прилично насилни сцени во рамките на полициската станица во Струмица барем од тие информации кои што ги имам од страна на едно лице кое што е дел од семејството донатори. И доколку навистина е се според закон, ако е се како што тие тврдат дека е нема потреба да стравуваат, вели тој.
Мицкоски потенцираше дека вистината е дека лицата кои биле приведени биле фатени како се движат во време кога имало ограничување на движењето, а тие ја немале потребната дозвола, а полициските службеници реагирале соодветно на ситуацијата. Известен бил и јавен обвинител кој постапил соогласно законот.
-Вистината е што се фатени тие лица дека се движат во време кога има ограничување на движењето на граѓаните без дозвола. И тогаш полициските службеници од она кое што го слушав како официјална информација реагирале. При таа реакција известен е јавен обвинител кој превземал дејствие согласно закон и констатирано е тоа што е констатирано. Денеска имаше соопштенија и јавното обвинителство. Практично имаше реакција од обвинителството, дежурниот обвинител постапил согласно тоа што му налага законот и понатаму ќе оставиме судството обвинителството, органите на прогонот да си ја завршат работата онака како што ценат, заклучи Мицкоски.