Мицкоски: Арсовска потфрли со резултатите, војна е претежок збор, за таквата реторика треба да ја прашате неа

Вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 гостин беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со кого се дебатираше за денешното излагање на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, на говорницата од Советот.

„Верував дека вонпартиски човек може да биде плус во тоа време. Ценевме дека може да биде додадена вредност, ни беше понудена како концептот за модерно Скопје, и денеска тоа ќе го поддржам“, посочи Мицкоски, кој рече дека војна меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ е претежок збор, а сите проекти кои се поврзани за модерно Скопје ќе ги поддржи партијата.

„Ќе ја потсетиме за тоа што го заборавила, а за сето тоа што е спротивно од интересите, ќе бидеме жестоки критичари. Непријатно ми е да дадам одговор, зошто таа реторика, зошто така ме нападна. Можеби вие ќе ја викнете во студиото и ќе ја прашате. За да имате подобра емисија, само ви нудам опција да повикате некој од советниците во Град Скопје или веќе поранешните директори“, додаде Мицкоски.

Тој не сакаше да ги коментира нападите на Арсовска кон него на денешната седница на Советот на Град Скопје, кога го нарече „шпицен градоначалник“ и го нападна дека се крие и избегнува соочување со неа.

Мицкоски рече дека до месец мај,јуни ВМРО-ДПМНЕ имале комуникација со Арсовска за проектите кои биле во прогрес или требало да почнат, но таа не остварува резултати.

„Можам сите проекти да ви ги набројам и да видиме од тоа што е реализирано, што не е, да го анализираме сега. Не сме тука за полититканство, нема да навредуваме, нема да кочиме, само единтсвеното е што го бараме е, бидејќи заедно одевме и тропавме на вратите на скопјани, јас говорев на митинзи за проектот „За модерно Скопје“, тоа што сме го ветиле, да го исполниме. Излеговме надвор од политичката матрица, поддржавме кандидат кој во тоа време не зборуваше така за мене, зборуваше поинаку. Но, во ред еве можеби еве госпоѓата сега го променила ставот за мене, претпоставувавм си има причини зошто и тука нема лутење, рече Мицкоски.