Мицкоски: Бајките за 2001 може Али да му ги раскажува на Ковачевски, jас мислев дека ќе се пофалат со нова фабрика

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави фотографија на која се гледа самиот тој облечен во војничка униформа, а со која алудира на тоа дека во конфликтот во 2001 се пријавил како доброволец.

Мицкоски ова го направи како одговор на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој синоќа во Тетово рече дека лидерот на најголемата опозициска партија, конфликтот во 2001 го гледал на телевизија.

Тој додаде дека сега Ахмети живее во хациенди во Зајас, додека неговиот коалиционен партнер Димитар Ковачевски од СДСМ „бил дезертер“, алудирајќи на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ дека премиерот се пријавил како неспособен да служи војска.

„Басните за 2001-ва може Али да ги раскажува на Димитар Ковачевски“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Првиов се храбри од своите удoбни хациенди од Зајас, додека албанскиот народ, исто како македонскиот, гладува. Вториот како дезертер од 2001-ва сѐ ќе му поверува и мора да спроведе, за да прави криминал и тој самиот. Друг пат добро нека гледаат и читаат што кажувам, а не да вадат од контекст.
П.С. Јас пак мислев дека ќе се пофалат со нова фабрика…, пишува Мицкоски на Фејсбук.