Премиерот Христијан Мицкоски телефонски се слушна со Бојко Борисов. Во разговорот му посака стабилна влада која ќе ги отстрани пречките што го успоруваат македонскиот пат кон ЕУ.
Денес остварив искрен и пријателски телефонски разговор со господинот Бојко Борисов, на кој со задоволство му ја честитав победата на сестринската партија ГЕРБ на парламентарните избори во Бугарија, информира премиерот Христијан Мицкоски.
-Во текот на разговорот изразив уверување дека ќе се формира стабилна Влада на десниот центар во Бугарија, која ќе даде придонес во отстранувањето на пречките што го успоруваат македонскиот пат кон Европската Унија. Верувам дека само со заеднички напори и дијалог можеме да градиме подобра иднина за сите граѓани на нашите две земји.
Очекувам дека македонско-бугарските односи ќе продолжат да се развиваат во позитивен и продуктивен правец, водени од почит и разбирање, за доброто на сите нас, додава Мицкоски.