Мицкоски: Целото политичко опстојување на Заев се темели на лаги и криминал

Премиерот Зоран Заев сето свое политичко битисување го темели на два аргумента: лага и лоповлук, обвини во четвртокот вечерта претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на предизборниот собир во Кочани.

Посочи дека и во Кочани, како и во цела Македонија буквално владее чемер, јад, депресија и разочараност од моменталната реалност откако е СДСМ на власт, и истакна дека на сето тоа ќе му се стави крај прво со победата на професорката Гордана Силјановска Давкова на претседателските избори, а потоа и со победата на предвремените парламентарни избори.

„Затоа овие избори не се само претседателски избори, туку се пораз на заевизмот во Република Македонија, затоа ни е потребна победа. Затоа е потребна масовност на 21-април и на 5-ти мај, за да биде победата уште поголема. Потоа се знае. Следат предвремени парламентар избори и огромна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Потребна ни е победа за да ставиме крај на сето она омаловажување, понижување и неправди кои што ни се случуваат во овие две години во Република Македонија и оној заевизам кој е секојдневие“, рече Мицкоски.

Потенцираше дека со СДСМ на земјава и се случуваат само неправди, како на пример што во Кочани манипулира со земјоделците со лажни ветувања како што е зелена нафта, а две години од ена ни трага ни глас, а земјоделците мака мачат да скрпат од први до први.

„Неправда е кога ќе ветат загарантиран откуп, повисоки субвенции и дополнителни стимулации за земјоделците, а денеска реалноста овде во Кочани кочанско е катастрофална, ниту имаат каде ниту за што да го продадат родот. Ниту има загарантиран откуп ниту има зголемени субвенции. Истото тоа се случува и во Пелагонија и во Ресен и ресенско, луѓето со пила ги сечат крошните бидејќи немаат каде да го пласираат родот затоа што еден денар е килограм јаболка, а луѓето ги растеле тие дрва за еден ден да родат плод и да ги преранат своите семејства“, истка Мицкоски.

Додаде дека неправда е и тоа што патриоти добија два века казна, а борци на Исламската држава добиваат трипати помали казни.

„Неправда е кога на капитулантски начин ќе потпишат договор со нашиот јужен сосед и ќе речат дека е условот за да добиеме преговори со ЕУ. Неправда е кога минатата година на плоштади ќе играат чочеци дека сме добиле датум за преговори, па потоа ќе се премислат и ќе речат дека оваа година, а нема ни оваа година да добиеме“, истакна Мицкоски.

Потенцираше дека Заев сето свое политичко битисување го темели на два аргументи- лага и лоповлук и тоа се двете работи со кои што опстојува. Го лажеше сопствениот народ, се колнеше во жицата и децата дека нема да го промени името, за да на крај ги промени и името и идентиетот. Токму затоа, рече, на Македонија веднаш ѝ потребна правда и држава.

„Затоа што од една страна го имаме Стево Пендаровски и опустошена опљачкана и омаловажена држава, а од друга страна професорката Гордана Силјановска Давкова и честита и горда држава.Имаме човек имаме кандидат кој со сета своја харизма со сето свои животно искуство, со сите генерации кои поминале на правниот факултет и добиле знаење, со сета додадена вредност што уште може да и ја даде на Македонија како држава како претседател на Република Македонија, тоа е нашиот избор“, истакна Мицкоски.

Поради тоа, Мицкоски уште еднаш ги повика присутните за масовност на изборите и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и професорката Силјановска, за граѓаните да го живеат сонот на Македонија која ќе се ги врати децата назад, Македонија со реномирани универзитети, без непотизам, каде ќе се почитуваат Уставот и законите, а политичарите ќе бидат во служба на граѓаните.