Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната средба со граѓани во Гевгелија порача дека на овие избори се одлучува за Македонија.
„Ова се избори на кои одлучуваме за Македонија, ова се избори помеѓу различни концепти, ова се избори на кои се избира за транзициони и корумпирани политичари, или за честити политичари, ова е избор меѓу криминалот и законите кои ви ги нудат тие, и правдата и правото кои ние ги нудиме. Во вас гледам одлучност, голема победа се најавува на 15 јули. На 15 јули ќе биде поразено раководството на Заев и СДСМ. Јас знам македонскиот народ се исправувал и пред многу поброен и помоќен непријател од овој олицетворен во Заев и СДСМ, затоа и на 15 јули ќе ги победиме“, рече Мицкоски.
Според него ситуацијата во Македонија може да се измени и тоа ќе го направи ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога некој ви вели се е попусто, не, не е. Македонија ќе биде дом за секој еден Македонец, Албанец, Турчин, Ром и сите останати. Македонија ќе биде дом за сите. Сега има една тажна мачна сурова реалност во која живееме, многу млади иселени, и нивни роднини баби, дедовци кои чекаат повик. Ќе заврши ова време, младите ќе останат тука. А овие другите ќе дојдат овде, ќе ја стават раката на срцето ќе ви зборуваат за семето, ќе ви кажат по некоја лага мислејќи дека така ќе ја добијат поддршката, но не верувајте им“ кажа Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на политичката матрица на противникот, СДСМ, објаснувајќи кои се нивните три чекори или како што рече „првиот чекор е предизборна лага, а потоа доаѓа вториот чекор или национален срам, трет корупција и кримнал, и четврт, а тоа е заробено обвинителство и судство со цел пресметка со неистомисленици“.
Мицкоски кажа дека коалицијата СДСМ-Беса ја стави Македонија на асталот и додаде дека денес Македонија е на маса, следи нејзина федерализација, а потоа нејзино уништување.
„Заокружувајќи за Заев и СДСМ секој треба да знае дека заокружува за распарчена Македонија, но јас сум убеден дека граѓаните без разлика на етничка припадност се определени за обнова, за Македонија која ќе биде пристојно место за живеење за секој роден овде во Македонија“ посочи Мицкоски.
Мицкоски се осврна на програмата Проект-Обнова кажувајќи дека има за секого по нешто и рече дека тоа е можно само ако се стартува со ветинг кај политичарите.
„Се што ќе прочитате во програмата, во нашата читанка ви ветувам ќе биде реализирано“, порача Мицкоски.
На крајот, Мицкоски порача дека доаѓа казната за оваа власт на Заев и СДСМ и ги повика граѓаните на 15 јули да заокружат за број 14, за победничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.