-Сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија, одговори денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски, на прашањето за евроинтегративните процеси и дијалогот со соседна Бугарија. Тој потенцираше дека јавноста е доволно запознаена со позициите на Владата, како и со неговите лични, и како што рече: „не би коментирал ни чекор повеќе, ни помалку“.
-Имаме период кога во Бугарија ќе се случуваат нови, седми по ред, во последните три години предвремени парламентарни избори. Да почекаме да се случи таму политичка влада, за да видиме дали постои желба за дијалог. Ние сме подготвени да разговараме и тоа им го пренесуваме на нашите соговорници, кои доаѓаат од Брисел. Инаку што се однесува до нашите предлози, тие во јавноста се познати и коментирани многу пати досега, изјави Мицкоски.
Синоќа во телевизиско интервју зборувајќи за уставните измени, тој апелираше да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес. Потврди дека на 19 септември ќе отпатува на состанок во Брисел и таму ќе биде соопштен владиниот предлог за кој јавно се зборува.
Мицкоски рече дека нема да се влезе наивно во какви било процеси и отстапки, без притоа да се има јасен план и гаранција.
– Тој јасен план и гаранција мора да бидат потврда што ќе се темели на јасна порака и постигнувања. Не можеме веќе да влегуваме во процеси без да имаме предвидлива завршница и затоа сме конструктивен партнер во процесот и велиме заедно да седнеме со владата во Софија и да разговараме. Тој предлог јасно го зборуваме, не е од сега. Да ги завршиме преговорите, па да видиме тогаш што ќе правиме, да видиме што со пресудите од Стразбур, за македонската заедница од Бугарија, да видиме што конечно со идентитетот на македонскиот јазик итн., затоа што ако ги погледате поглавјате 34 и 35 ги нема… Имаме многу прашања за кои треба да се дискутира. Ние сме подготвени, сакаме да најдеме решение, рече синоќа премиерот Мицкоски.