Мицкоски: Договорот со „Бехтел и Енка“ отвори најмалку десетина дилеми за историски криминал, затоа мора да се стави на увид на јавноста

-Договорот треба да биде споделен со македонската јавност, со вас медиумите, па вие  да отворите јавна дебата и да можеме да зборуваме очи во очи, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали според него е прифатливо само пратениците кои имаат безбедносен сертификат да го видат договорот што Владата го потпиша со „Бехтел и Енка“.
Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период пред јавноста соопшти најмалку десетина дилеми за кои смета дека се историски криминални, нагласувајќи дека Македонија секогаш губи кога и да е СДСМ на власт.
-Ние отворивме најмалку десетина дилеми што се поврзани со овој договор, за кои сметаме дека се криминални. Јас би рекол дека според влијанието што го имаат овие проблематични делови од договорот, тие се поголем криминал од времето на транзицијата кога практично десетици, стотици наши сограѓани останаа без работа. Значи кога СДСМ е на власт, секогаш губи Македонија, се менуваат знамиња, се менуваат имиња, се отвораат, се затвораат устави… И ова мора да го знае јавноста, бидејќи многу скоро од денеска ќе имаме избори и ќе одлучуваме дали сакаме такви политичари да ја водат Македонија или сакаме луѓе кои градат и создаваат, рече Мицкоски.
Според него, граѓаните се тие кои на следните избори ќе одлучат кој сака да ја води државата, дали СДСМ која ја краде, срами и понижува, или ВМРО-ДПМНЕ која создава и гради.
-На следните избори народот ќе одлучува дали ќе останат овие кои ја пљачкосуваат, срамат и понижуваат Македонија или опција која гради создава и практично ја брани Македонија. Сите ние да знаеме каков ќе биде нашиот избор на следните парламентарни избори, посочи Мицкоски.