Мицкоски: Драган Богдановски ги постави темелите на она што е ВМРО-ДПМНЕ денеc

Има приказни кои траат долго, и тоа е така затоа што оваа наша приказна има идеологија, цврста арматура во која кодот е ВМРО, а целта на нашето постоење е нашата Македонија. И еве не тука 29 години, потоа по сите премрежја и се она што го минавме особено последните години, ВМРО-ДПМНЕ се крева…

Вчера вечер, претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одржа говор пред сопартијците по повод 29 години од формирањето на партија. Во своето обраќање Мицкоски ја потенцираше улогата на еден од најголемите политички дисиденти во повоена Македонија, Драган Богдановски во пренесувањето на идејата за самостојна Македонија и во формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Да изградиме иднина, да го фатиме чекорот со другите од соседството кои не поминаа. Но не само да ги стигнеме, туку нашата битка и нашата верба е да бидеме подобри од нив. Затоа што оваа земја мора по сите порази и сите  неразбрани трговци влезени во политиката да почне да победува. А, победата не е нешто недостижно. Потребно е само да се има сон, мотив и чест. Тоа го имаше пред 29 години Драган Богдановски, човек со визија кој ги постави темелите на она што е ВМРО-ДПМНЕ денес” истакна Мицкоски и додаде:

„Тој во референдумскиот манифест во 1991 година ќе напише – „Покрај мрачната страна на политичките огледала во кое се топи ликот на Македонската Република, постои и светла страна. Интересите на Македонија бескомпромисно и неуморно ги заштитува татковинската илинденска партија ВМРО-ДПМНЕ кој во судбоносните историски моменти се потврди како борец за независна македонска држава. Иако шиканирана од власта, прогонувана, клеветена, ВМРО-ДПМНЕ исполнува во политичкиот живот на Македонската Република многу важна улога бидејќи таа е носител на илинденскиот идеал на македонскиот народ за независна држава“, ова го напиша Драган Богдановски. А, тој го продолжи она што пред 126 години го создадоа 6-мина македонски интелектуалци. Тргнаа зошто веруваа. Пострадаа, зошто не се откажаа. Тие за време на нивните животи не успеаја, но успеа нивната идеја, а таа е една и единствена Македонија”  Христијан Мицкоски посочи ВМРО е чест, идеологија, и вредности и дека оттука потекнува вербата во Македонија.

Драган Богдановски на Прилепскиот конгрес
Основачко собрание на ВМРО-ДПМНЕ во Домот на млади „25 Мај”

Синоќешниот настан во Македонската филхармонија беше одбележување на 29 години од формирањето на партијата кое се случило на 17 јуни 1990 година во Домот на млади 25 мај во Скопје. Името на Драган Богдановски (1929-1998) се поврзува со основањето на оваа политичка партија после четириесет години политичко делување сред македонската емиграција за што често пати се наожал под удар на југословенските власти. Со одлука на Прилепскиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Богдановски е прогласен за почесен претседател на партијата а неговото значење во поновата македонска историја е потврдена и од историчарите. Во 2014 година, историчарот од Институтот за национална историја, Маријан Иваноски одбрани докторска теза за животот и делото на Драган Богдановски.