Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во емисијата „360 степени“ на Алсат М, во врска со работата на градоначалничката на Град Скопје, истакна дека е задоволен од првичниот перформанс која таа го покажа на функцијата имајќи предвид дека нејзиниот претходник градот го остави во катастрофална состојба.
– Сосема сум задоволен од првичниот перформанс имајќи предвид информации кои јас ги знам, што за жал не ги знаат доволно граѓаните. Состојбата која беше затекната е алармантно катастрофална. Тоа требаше да го знае јавноста и тогаш дел од овие критики кои се упатени кон градоначалничката Арсовска немаше да бидат упатени бидејќи луѓето ќе ја знаеја состојбата со која таа се зафати. Навистина е херојски добро да се зафати некој со една таква состојба да ја решава – рече Мицкоски.
Тој посочи дека според оваа перцепција и она што ѝ е на располагање на Арсовска таа може да направи три работи, прво да дозаврши нешто кое што е почнато од нејзиниот претходник бидејќи сѐ што е почнато е почнато без да биде осмислено, а градот е преземен со потрошен буџет.
– Втората работа е да ја подобри хигиената и мислам дека видливо во Скопје се чистат депонии, веќе нема преполни контејнери, веќе нема отпадоци по улиците. Третата работа е да се подготвува за следната сезона, а тоа е да отпочне со проектирање на проекти и реализацијата на тие проекти да заврши на пролет, да се подобри администрацијата и тоа е она што таа го има на располагање во овие месеци – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека јавноста треба да знае каде завршувале парите, што се случувало во јавните претпријатија, како се гоштевале и имало привилегирани.