Мицкоски е задоволен од досегашното темпо на работа на градоначалниците: За 30 дена преку 20 капитални проекти и нови решенија на проблемите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Скопје инфо, во врска со досегашната работа на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека е задоволен од досегашното темпо на работа и сработеното од страна на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, а за 30 тина дена се отпочнале над 20 капитални проекти, многу нови решенија на проблемите, како и дека промените кои ги носи ВМРО-ДПМНЕ се започнати, кој ќе биде главниот поборник на новата иднина во Македонија.

– Имам намера да бидам уште поприсутен на терен и да решаваме проблеми на граѓаните. Задоволен сум од темпото на работа од повеќето градоначалници и можам да кажам дека и покрај огромните долгови и наследените проблеми досега за само триесетина дена се започнати над 20 капитални проекти во различни општини, било да се водоводи, канализации, улици, училишта или спортски сали. Меѓу другото, моето присуство на терен го користам за средби со стопанските комори и заеднички општината, бизнисот и јас ги решаваме проблемите, бидејќи човечки и професионално е да се има секогаш отворена врата за секого затоа што на крајот користа ја имаат граѓаните. Исто така од почетокот на наредната година ќе има отворена линија каде граѓаните ќе може да пријават проблеми, но и да се информираат за процесот на следење на реализацијата на самата програма, како и да нотираат недоследности до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ по што ќе имаме организирано тим кој ќе ги процесуира таквите пораки од граѓаните, посочи Мицкоски.

Мицкоски истакна дека заедно со градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се отпочнуваат сериозни проекти, но и заеднички се бараат решенијата на проблемите.

-Сум задоволен што се отпочнаа сериозни проекти во Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров. Гледам дека и Јакимовски во Карпош секојдневно е на терен и решава напластени проблеми. Скопје се придвижува напред и создаваме солидна основа за иден развој. Потребни се одржливи решенија, но мора да има брза респонзивност во решавањето на потребите на скопјани. Во Аеродром за започна со изградба на градинка, во Гази Баба изградба на нов водовод и канализација, во Кисела Вода се делат решенија за легизација на дивоградби за кои се чекало со години, но и се отпочнува фекална канализација. Патем се расчистуваат диви депонии, се почнува изградба на булевар во Охрид, се асфалтираат улици и редици други проекти. Сето тоа овозможува нов импулс во работата на Скопје, наброи Мицкоски.

Во однос на Град Скопје и градоначалничката Арсовска која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на изборите, Мицкоски истакна дека верува дека таа ќе ги реши децениските проблеми на скопјани со свои планови и визија,а се работи на неколку крупни проекти за градот Скопје.

– Во тек е кадровско доекипирање, Арсовска има свои планови и визии за градот. Се работи на решенија кои ќе ги опфатат повеќе децениски проблеми како што е сообраќајниот хаос, депонииите и нечистотијата во Скопје, паркирањето и слично. Она што го има ветено за првите сто дена гледам дека работи и верувам дека ќе има сили да го реализираа ветеното. Градот Скопје мора да се развива да нуди решенија и да и да биде отворен град со чувство за потребите на скопјани. Верувам дека многу брзо ќе се отпочне со реализација на капиталните инфраструктурни проекти, вели тој.

Мицкоски во однос на нови кадровски решенија за градските претпријатија посочи дека првенствено е важно да се одбрани вистинските луѓе кои ќе работат чесно и одговорно, правилен избор од кого корист ќе имаат скопјани.

Тој вели дека Скопје за него е голема емоција, но кој го загубил градскиот шмек, затоа се потребни промени.

– Сакам отворен град, град каде ќе има планско растење и планско градење, со многу зелени површини и решени значајни прашања. Сообрајниот хаос мора да биде решен, исто како и да се стави крај на урбаното дивеење кое е поврзано со урбаната мафија на која мораа да ставиме крај. Сакам Скопје да биде со чист воздух, поврзани маала и општини и со доволно простор за паркирање. Град кој ќе има доволно места за спортување и особена грижа за велосипедистите, место на случувања и град со грижа за своите луѓе, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи во интервјуто дека промените се започнати, тие се одговор на народот поради незадоволството кое постои поради акутните проблеми, растечката сиромаштија, неказнетиот криминал, трулиот систем. Промените ги предводи ВМРО-ДПМНЕ и тие не се само започнатите проекти и работата на нашите градоначалници, туку и промена на матрицата и вредносниот систем кој владее овие триесет години. ВМРО ќе биде моторот на промените кои ќе се случат и главниот поборник на новата иднина која ќе се случи.