„Можевме во скратена верзија да ги видиме сите оние позначајни моменти, оние акции коишто Министерството за внатрешни работи, заедно со своите структури ги има изведено изминатиов период, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на денешната презентација на резултатите од работата на МВР,.
„Она што е важна порака е дека никој не треба да биде над законот и Уставот и не смее да биде над законот и Уставот. Поминаа времињата како до сега. Треба да се бориме против сите оние корумпирани елементи во општеството и ќе се бориме. Можеби правдата е спора, но секој оној којшто мисли дека ја изиграл правдата се лаже, таа на крај секогаш доаѓа и секогаш победува. Можам само да ги охрабрам сите оние припадници на МВР дека никому ништо никој не должи освен на македонските граѓани и на државата. Секој кој мисли дека некому е должен и треба да биде привилегиран и да има одредени отстапки, се лаже. Ќе повторам, правдата е бавна, спора, но таа секогаш на крај победува“, потенцира Мицкоски.
-Мораме да покажеме и докажеме дека криминалот е неисплатлив и дека сите оние кои мислат дека со криминал можат да направат нешто се лажат и дека истите ќе бидат одговорни пред законот и пред Уставот, изјави Мицкоски.
-Изразувам благодарност до министерот, до сите вработени во МВР за сето она што го прават изминатиот период и да ги охрабрам, во периодот кој следи да продолжат да ја спроведуваат правдата насекаде, на целата територија на Македонија како држава, додаде во изјавата Мицкоски.