Мицкоски и ИК ќе предложат градоначалници надвор од списокот на базата, Перински и Ѓоргиевски во трка за Скопје

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и Извршниот комитет не се откажуваат од статутарното право да предложат свои имиња за кандидати за градоначалници, за кои ќе се прави анкета меѓу членството.Тие имиња се надвор од списокот, подготвен со предлози од општинските комитети во пресрет на локалните избори.

Во партијата преовладува мислењето дека негов фаворит за градоначалник на град Скопје е актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински кој и не ги крие своите амбиции за оваа позиција. Прексиноќа, во телевизиско интервју рече дека „ја посакува затоа што има многу визии за главниот град“, и лично верува дека предлогот кој ќе го даде Мицкоски до извршните тела ќе биде идниот градоначалник на Скопје.

Неофицијално, во партиската база највисоко котира градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски, а веднаш по него е Бобан Стефковски од Гази Баба.

Дел од меѓукоалиционите договори, пак, синоќа откри вицепремиерот Изет Меџити, кој исто така во интервју рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Вреди имаaт план за заеднички настап на локалните избори.Советничките листи ќе им бидат засебни, а планираат да си дадат меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници, во првиот или во вториот изборен круг, во зависност од договорот што ќе го постигнат.

Најави и дека, после изборите планираат коалицијата „Вреди“ да се спои во една партија.

Од ЗНАМ, пак, тврдат дека до сега немале никакви разговори за меѓусебна поддршка со коалиционите партнери. Тврдат дека се сконцентрирани на формирање на нови општински организации во пресрет на изборите, по што ќе следи процедура за потенцијалните кандидати. Не откриваат ниту дали Максим Димитриевски повторно ќе се кандидира за градоначалник или има амбиции за повисока функција. И тој самиот деновиве изјави дека се уште размислува, а дефинитивна одлука ќе донесе со анализи, но и со непосредни анкети преку месните заедници.