Добар ден на сите, благодарам на можноста и на присуството, денеска сме во Штип како дел од теренската активност „Важно е! Од тебе зависат промените“. Од сите нас зависат промените, сите ние сме убедени дека набргу од денеска, за неколку месеци од денеска ќе има големи промени во Македонија. И затоа е важно ВМРО-ДПМНЕ и јас лично директно од терен со средби со граѓаните, со различни групи на граѓани да слушнеме што е тоа што претставува акутен проблем и проблем кој што треба да се решава, и проблем за кој што треба во програмата како ВМРО-ДПМНЕ и како Коалиција да понудиме решение, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, при денешната посета на Штип.
„Денеска сме овде во Штип, покрај оној наш носечки проект кој што ќе биде дел од програмата, а тоа е реалоцирање на финансиски средства од централниот буџет кон општините за реализација на капитални и инфраструктурни проекти, многу заедно со градоначалникот, со Советот, со пратениците кои што доаѓаат од овој регион, со пратеници поразговаравме и детерминиравме практично многу проекти кои што би издвоил неколку како што е да речеме реконструкцијата на Исарот конечно, потоа изградбата на обиколницата, изградбата на улица „Партизанска“. Потоа имаме тука спортската сала „Џексон“, потоа продолжување на водоводната линија која што има за цел да снабдува со вода неколку населени места овдека во Штип, и итн. Да не должам со сите оние инфраструктурни и капитални проекти кои што се дел од овој проект. Планирани се некаде до шест милиони евра, реалокација на годишно ниво на средства од централниот буџет за Штип. Или вкупно околу 24 милиони евра за инфраструктурни и капитални инвестиции.
Надвор од тоа се наоѓаме пред овој објект овдека, кој што досега требаше веќе многу пати да биде завршен. За жал не е завршен, а тоа е Универзитетската клиничка болница во Штип, која што ќе биде еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во следната програма. Практично здравствена установа која што опслужува некаде околу половина милион луѓе. Од 400.000 до половина милион луѓе. Разговаравме со здравствени работници кои што се дел од установите овдека во регионот и овде во Штип. Ги детерминиравме кои се проблемите, со кои што се соочуваат, тие проблеми не можат да се решат како и што самите кажаа преку ноќ. Потребни се 5-6 години за да се создаде тој медицински кадар кој што би имал пред се искуство да опслужи толкава бројка на граѓани, повторно ќе кажам и 400.000 – 500.000 луѓе ги користат здравствените услуги овдека во Штип. И ќе ги користат здравствените услуги во идната Универзитетска клиничка болница.
Така што како ВМРО-ДПМНЕ и како Коалиција остануваме фокусирани исклучиво на проектниот менаџмент како да ја развиваме Македонија.
А, за да тоа биде прецизно, да не се случи како многу пати во минатото да имаме ветувања и да се кажува сешто, можеби некој сака да слушне, а ништо да не се испорачува, па тоа да предизвикува големи разочарувања, сега имаме спротивен пристап односно би рекол пристап од темелите кон кровот. А, тоа е најпрвин да слушнеме, од тоа што ќе слушнеме да видиме што можеме да реализираме, и во кој рок можеме да реализираме. Тоа што не можеме, не можеме. Многу сме внимателни, многу ќе бидеме внимателни. И да излеземе пред граѓаните со понуда. Пристапот ќе ни биде би рекол многу внимателен пристап, во ветувањата, не сакаме да предизвикаме разочарувања кај граѓаните, туку сакаме да предизвикаме едно поинакво чувство дека не биле сите исти и дека можело поинаку. И затоа овие неколку месеци насекаде ќе се гледаме низ Македонија, ќе учиме. Многу од работите се разбира ги знаме, но многу од работите за првпат ги слушаме и потоа ќе ги испорачуваме.
Така што уште еднашка би сакал да упатам и благодарност до домаќините денеска, Општина Штип, до градоначалникот, до советниците, до пратеникот и координаторот на пратеничката група, до администрацијата, до штипјани. Денеска ќе бидеме цел ден овде во Штип, ќе разговараме. Свесен сум со каков проблем се соочуваат, онаму каде што во општините имаме градоначалници кои што доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата не треба да повторувам дека Владата на ДУИ- СДСМ, СДСМ – ДУИ, како ви е полесно се однесува како туѓа Влада, а не како Влада како што треба да се грижи за иднината на сите граѓани, на сите општини на целата територија. Но, тие мислат дека на тој начин ако репресивно се однесуваат кон градоначалниците дека на тој начин ќе го намалат капацитетот и политички но и оперативен. Мислам дека се лажат. Благодарение на храброто работење и на градоначалникот тука во Штип, и на Советот, на администрацијата, пратеникот кој што се труди секогаш со амандман повеќе од Буџетот да обезбеди средства плус за Штип, имаме огромна реализација на проекти и веќе граѓаните во Штип и во околината можат да видат една голема разлика помеѓу Влада која што континуирано краде и градоначалник кој што гради и секој ден се занимава само со реализација на проекти.