Мицкоски- Кошта: Претставени се позициите на Македонија во однос на европските интеграции

Премиерот Христијан Мицкоски доцна попладнево во Брисел имаше средба со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта на која е разговарано за процесот на пристапување на земјава кон ЕУ.

– Пријателската средба ја искористив за лобирање и претставување на позициите на Македонија во однос на европските интеграции и можноста за нивното забрзување, објави Мицкоски на неговиот профил на Фејсбук.

Средбата се одржа пред неформалната работна вечера што Кошта ја организираше за лидерите од земјите од регионот на Западен Балкан.

Покрај Мицкоски, на вечерата беа поканети и косовската претседателка Вјоса Османи, претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цијановиќ и премиерите на Албанија и на Косово, Еди Рама и Албин Курти.

Претходно во Брисел, Мицкоски се сретна и со новата еврокомесарка за проширување Марта Кос со која разговарал за „стратешките интереси на Македонија во однос на проширувањето на ЕУ и подготвеноста на државата да успее на патот кон Европската Унија“.

Во видео обраќање од Брисел, Мицкоски изјави дека на двете средби порачал оти Владата останува фокусирана на реформите и дека е подготвена да разговара за се што е принципиелно за државата и граѓаните, но дека ултиматуми не прифаќа.

– И на двете средби во исклучително пријателска, и би рекол срдечна и конструктивна атмосфера, разговараме за сето она што ние досега го имаме поминато како предизвик во минатото, за сето она кое што ние требаше, а се откажавме во името на европските вредности, но истовремено ги реафирмиравме нашите ставови дека ултиматуми не прифаќаме, дека сме подготвени да разговараме и подготвени сме да разговараме онолку колку што е потребно за да најдеме начин како да го отвориме првиот кластер, брзо да го поминеме тој процес на преговори и да станеме земја членка во Европската Унија, изјави Мицкоски.

Тој додаде и дека Владата останува посветена на обезбедување подобар живот за граѓаните и дека како дел од таа агенда е и инспирацијата државата да биде дел од европското семејство.