Повторно Димитар Ковачевски го вовлекува своето семејство во политички невкусни метафори, павејќи обид да ме навреди и омаловажи, порача меѓу другото претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагирајќи на претходната изјава на премиерот и лидер на владејачката СДСМ отфрлајќи одржување на предвремени парламентарни избори како што бара опозицијата.
Во реакцијата на споредбата на својат малолетен внук и опозициските барања за одржување предвремени избори што претходно во четвртокот ја направи пред новинарите Ковачевски, Мицкоски посочува на сериозните скандали во државата во мандатот на актуелната влада.
„Сигурен сум дека тоа мило момче ќе се срами од ова што неговиот вујко му го прави. Посакувам да порасне во горд и цврст Македонец, спротивно од тоа што денес е неговиот вујко. Да се бори и ја сака својата татковина Македонија и да не го дозволи тоа што денес Димитар Ковачевски ѝ го прави на Македонија.
А што се случува денес во Македонија?
Македонија тоне на листата на корупција на “Транспаренси Интернешенл”, криминалот и корупцијата кои царуваат, немање раст на економијата, двојно повисока инфлација од Еврозоната, осиромашувањето на народот и половина милион што живеат со по 150 денари на ден, мафијашки убиства среде Скопје, палење коли и кафеани, крадење на оружје од полициски депоа, криминалните тендери.
За жал, реалноста во Македонија е катастрофална, државата се распаѓа, тоне и е во хаос. Димитар можеби може да си дозволи да купи плејстејшн од бизнисите кои му цветаат, може дури и Али (Ахмети, челник на коалициската во владата ДУИ) или Артан (Груби, прв вицепремиер, исто така од ДУИ) да ги викне да му купат и 50 отсто од фирмата Плејстејшн и да го израдуваат повеќе, може дури и видео игра да си нарачаат во која ќе се херои, фудбалски ѕвезди, но во реалноста, за жал, секогаш ќе бидат криминалци во политиката кои гледаат како да се одржат на власт уште десетина месеци за да искрадат уште што може“, напиша Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, му порача на Ковачевски настрана да ги остави своите блиски и да се соочат директно околу политичките и економските пролеми со кои се соочуваат граѓаните и државата.
„Другпат пред да кажеш нешто, размисли. Тие околу тебе што те хранат со вакви досетки непромислени, мора да разберат дека имате одговорност и дека животот е реалност, а времето не се враќа назад, лошиот и неинтелигентен хумор зборувај си го со тие малкумина соработници кои ти велат, браво шефе убаво му кажа, веројатно се разбирате добро, но те молам остави го семејството надвор од сето ова не го мешај. Тие се многу поголеми од твојата глупост. Овде сме јас и ти… сами, гради во гради, не го заборавај тоа!“, пишува Мицкоски