Мицкоски: Кривична пријава за потписниците на договорот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија изјави дека партијата подготвува кривична пријава за сите потписници на договорот со Грција, чин, кој според него претставува капитуланство.

Во неделата што изминува, ВМРО-ДПМНЕ до соодветните органи ќе достави една таква кривична пријава за сите оние сторители на ова кривично дело, изјави Мицкоски.

Тој говореше и за денешниот допис на претседателот Ѓорге Иванов, кој кажа дека нема да ја потпише ратификацијата на договорот со Грција. Мицкоски кажа дека станува за допис кој се темели на правна аргументација и факти, што секој правник може да го забележи.

Апсолутно стоиме зад целата постапка и ја поддржуваме, бидејќи сите избрани функционери впрочем заклетва даваат пред Уставот и законите, дека истите ќе ги почитуваат и заштитуваат. За жал гледаме дека имаме плејада на функционери како премиерот и останатите негови соработници кои во изминатиот период на еден многу перфиден, односно на многу дрзок начин истите или ги заобиколуваат или грубо ги кршат, не само законите туку и Уставот, изјави Мицкоски.

Тој кажа дека Иванов како одговорна личност е повикан да застане на патот на тоа, дека ова е исправна постапка и дека ВМРО-ДПМНЕ како и многу пати во минатото што кажале го поддржуваат претседателот.

Апсолутно ја поддржуваме и повикуваме да опстои на оваа политика, бидејќи станува збор за капитулантско дело кое што е својствено само за Зоран Заев и неговите соработници, изјави Мицкоски.

Мицкоски кажа дека нема да го поддржи импичмент за Ѓорге Иванов, бидејќи нема никаква, ниту правна, ниту било каква логика.