20.8 C
Skopje
среда, мај 29, 2024

Мицкоски: Македонската жена е инспирација и светилник низ тешките времиња

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ им го честита 8 Март, Меѓународниот ден на жената на сите припаднички на понежниот пол.

Борбата за еднаквите права жената ја доби со мудрост, истрајност, аргументи, жртва и збор. Во едно цивилизирано општество борбата за своите права, за право и правда е нешто што природно им припаѓа на сите индивидуи.

Жените во Македонија биле хероините кои се испишале низ сите наши големи датуми. Македонската жена е инспирација и вистинскиот светилник низ тешките времиња и важни датуми на нашиот народ. Сирма, Злата Мегленска, Ибе Паликуќа, Вера Циривири Трена, Мирка Гинова, Мајка Тереза и многу други покажале со нивниот пркосен човечки дух и грамадни дела дека жената носи победи и го менува општеството.

Нам и денес ни требаат промени. Нашата битка е за вредности и принципи кои се погазени, прекршени, заборавени. Остануваат многу теми отворени и недоречени кога станува збор за заштитата на правата на жената каде државата мора поактивно да се вклучи.

Еднаквоста не се постигнува со форма, без суштина, само со квоти, или однапред зададени бројки и декларирани заложби туку со вистинско ползување на правото за еднакви можности кое суштински мора да се признае и применува, преку квалитет на животот и вреднувањето на другите, само тогаш и така ќе можеме да кажеме дека навистина живееме во општество во кое владее еднаквоста, правдата и слободата.

Дозволете ми уште еднаш да ви го честитам овој голем ден и да нагласам дека правото на глас е силата која ги менува и обновува работите, а нам повеќе од било кога ни е неопходна обнова. Честит 8 март!, пишува Мицкоски на Фејсбук.