Мицкоски: Масовно да излеземе и да бидеме гласни, овие избори се шанса за промени

Излезете на овие локални избори и гласајте, затоа што ќе мислат дека ја водат државата исправно и ќе продолжат да ве злоупотребуваат вас и вашата добрина, со молчење сите ние стануваме соучесници во нивниот грабеж на Македонија. Тие сакаат да останете во домовите, вие покажете жилавост и излезете да гласате. Големите одлуки зависат од народот. Ова се моменти кога треба сите ние да бидеме гласни, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на митингот во Илинден.

Тој посочи дека нашиот народ знаел да биде гласен многу пати во минатото, така било за време на референдумот во ’91-та година, така било на АСНОМ, на Мечкин камен и Илинден,а така ќе биде и сега на 17-ти октомври.

-Масовно да излеземе и да бидеме гласни, овие избори се шанса за промени, шанса за подобро утре, шансата е пред сите нас за да се променат работите, шансата е во вашиот глас, вашиот глас е вашата пркост, вашето НЕ, за тоа тие да крадат и печалат на вашиот грб. Вашето ДА, за иднина, за проекти, за победи,вашето ДА за тоа како треба да ја градиме Македонија и општина Илинден, истакна Мицкоски.

Тој рече дека изборите се шанса народот да се избори за повеќе да се чуе неговиот глас.

-Изборите се шанса за тивкото мнозинство, вие пристојните луѓе на кои ви е преку глава да бидете прескокнувани, омаловажувани и тргани на страна,кои имате став за работите, а не ве прашуваат. Да не дозволиме апсолутна власт во рацете на човек кој ја злоупотребува таа власт. Време е за промени и шанса за нова иднина. Време е да се чуе гласот на тивкото мнозинство, на реалниот човек, излезете и гласајте на 17-ти октомври, порача Мицкоски.

Мицкоски порача исто така дека ВМРО-ДПМНЕ има јасен концепт, а тоа е концептот на 3-Пи, промени кои подразбира промена на системот на вредности, второто „Пи“ стои за проекти за развој, прокти за грижа на луѓето и подобрување на инфраструктурата со јасни рокови, и третото „Пи“ стои за победи, победа на духот на малодушноста верба во квалитетот на нашиот народ, на сите етнички заедници, верба дека оваа држава е заедничка и дека работи за сите нас. Доколку ги мобилизираме сите капацитети, тогаш можеме да успееме и да создадеме успешна приказна од нашата Македонија, рече Мицкоски во Илинден.

-Нашата порака до вас е, бидете силни, верувајте во себе и сопствената иднина, и создадете нова иднина, иднина на промени, проекти, победи и иднина за која вреди сите да се бориме, и со која сите заедно ќе се гордееме, порача Мицкоски на митингот во Илинден.