Мицкоски: На 15-ти јули со обнова на Македонија ќе се врати честа и честитоста на Македонецот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес заедно со Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 3 ја посетија Општината Чешиново – Облешево, при што остварија средба и со мештаните. При самата средба Мицкоски посочи дека на 15-ти јули доаѓа крајот на Зоран Заев и СДСМ, тоа е денот кога граѓаните ќе кажат доста е на криминалната власт. На 15-ти јули ќе започне обновата на Република Македонија. Токму на тој ден ќе огрее сонцето за Република Македонија и македонските граѓани.

„Денес почитувани жители на Чешиново – Облешево живееме еден тежок и мачен живот, живот од кој што нашите сограѓани се разочарани. Луѓето кога ќе ги погледате во очи, чувствувате каква болка носат со себе, каква мака ги мачи или тишти. Луѓето кои што испратиле по некој син, ќерка, внук, внука надвор од оваа држава и се радуваат на нивен телефонски повик, еднаш годишна кога по некој ден ќе дојдат, ќе ги поздрават и ќе бидат со нив. Луѓето денеска чувствуваат бесперспективност. Луѓето велат и тие што останале за мене овде нема перспектива и првата прилика и јас ќе го напуштам родниот оган,сопствената држава. Сите вие политичарите сте исти, доаѓате, си одите, а нашата мака, нашите проблеми остануваат. Тоа е она кое што најчесто го среќавав изминативе 30-тина месеци од како бев избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во еден многу тежок период и за партијата и за државата“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека заедно со граѓаните ќе го урне Зоран Заев и неговата криминална влада која само и наштети на државата. Се ближи денот кога ќе се победи и вирусот Зоран Заев.

„Потребно е на 15-ти јули да излеземе масовно, да се заштитиме најпрвин себеси, да ги заштитиме и тие кои што ќе дојдат со нас. Да излеземе масовно и гласно да зборуваме позади параванот. Да го заокружиме бројот 14, да го заокружиме името на Игор Јанушев, носителот на листата на победничката коалиција. Тоа е последната битка која не чека. Јас сум свесен дека Македонецот се исправал и обединувал кога му е било најтешко. А, сега можеби и потешко не ни било, денеска шкрипат забите, треперат образите, а истовремено луѓето се чувствуваат непријатно, се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава. Македонецот никогаш во историјата не бил попонижен од овие три години, омаловажен, обесправен, со изгубено национално достоинство, гордост, чест и честитост“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски потсети дека поради оваа влада предводена од СДСМ, Македонецот се чувствува понижен, поради нивните пазарни политики кои нанесуваат само штета на граѓаните и на самата држава.

„Кажете ми една понуда што слушнавте од Зоран Заев за Македонецот?  Што слушнавте за 70% жители на оваа држава,за Македонците, за нас? Каква е понудата на Зоран Заев? Дали слушнавте нешто? Дали слушнавте дека нема да го предаде Гоце, Даме, Питу, дека ќе го заштител јазикот? Дека ќе донесе повеќе субвенции за вас овде во Чешиново – Облешево? Ќе обезбеди сигурен откуп?Се сеќавате 2016-тата година тука беше кога ветуваше сигурен откуп на производот на оризопроизодителите? Каде е сега да дојде, да се појави и да даде отчет затоа што го ветуваше, што сработи“, запраша Мицкоски.

Мицкоски посочи дека поради тие ветувања кои не ги исполни му се ближи крајот, бидејќи граѓаните паметат се и за тоа ќе му пресудат на 15-ти јули. Веќе лагите на Зоран Заев и неговите функционери не успеваат никаде. Зоран Заев треба да научи дека со народот нема играње, народот дава но и зема.

„Да се исправиме, за да ја исправиме Македонија. Доста беше срам и понижувања, станете и исправете се. Сите оние кои што се чувствуваат обесправени, понижени, излажани, покрадени, омаловажени, безнадежни, станете и исправете се, да си ја исправиме Македонија на 15-ти јули, сите од прв до последен. И да им ја покажеме темната страна на политичката историја таму им  е местото“, порача Мицкоски од Чешиново – Облешево.